Владите на Северна Македонија и на Косово денеска во Приштина ќе одржат заедничка седница.
Според агендата што ја објавија двете влади, по официјалната церемонија и заедничката фотографија, предвидено е пред почетокот на меѓувладината седница, односно од 11:20 часот да се одржи тет-а-тет средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и премиерот на Косово, Албин Курти, како и тет-а-тет средби помеѓу министрите од двете Влади.
По завршување на меѓувладината седница, ќе се потпишат билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области.
Воедно, во 13:45 часот заедничка прес-конференција ќе одржат претседателот на Владата на Република Северна Македонија Мицкоски и претседателот на Владата на Република Косово, Курти.
Владата на Косово, во пресрет на заедничката седница на владите на двете држави, вчера одржа електронска седница, на која усвои две иницијативи поврзани со соработката со Северна Македонија.
Во соопштението од кабинетот на косовскиот премиер, Албин Курти се наведува дека е усвоена иницијатива за склучување на „Протоколот меѓу двете влади за спроведување на Договорот меѓу Владата на Република Косово и Владата на Република Северна Македонија за заедничките гранични премини Генерал Јанковиќ – Блаце и Глобочица – Јажинце“.
Според соопштението, усвоена е и иницијативата, за „потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за економија на Република Косово и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, во секторот енергетика во согласност со нивните политики и стратегии“.
Првата заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово беше одржана во Скопје на 16 септември 2021 година. Тогаш беа потпишани 11 договори и меморандуми за соработка.
Извор: РСЕ