Заемот од ЕБОР за изградба на регионалните депонии ги чека пратениците да се вратат од одмор

Заемот од ЕБОР за изградба на регионалните депонии ги чека пратениците да се вратат од одмор

Потпишувањето на договорот со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за изградба на регионални депонии по стандардите на ЕУ во пет региони во земјава е возможно да се случи откако Собранието на РСМ ќе го изгласа Законот за заем, информираат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Истиот е сѐ уште во собраниска постапка и од таа причина не може да зборуваме за временска рамка, бидејќи сите активности ќе произлезат по изјаснувањето на Собранието на РСМ“, информираат од ова Министерство.

Инаку, Владата на 20 мај годинава го доставила до Собранието Предлог-законот за задолжување на земјава со заем кај ЕБОР за финансирање на регионалниот проект за цврст отпад. Во Собранието овој закон се носи по скратена постапка, а во моментов тој се наоѓа во второ читање и пратениците треба допрва да го усвојат, како би можело да се потпише договорот со ЕБОР за подигање на заемот. По ова, треба да следи и објавувањето на меѓународниот тендер за избор на компании што би ги граделе регионалните депонии во секој од регионите одделно.

Македонија со заемот од ЕБОР треба да отпочне да го решава проблемот со воспоставување на регионалните системи за управување со отпад, кои доцнат со реализација деценија и пол. Од ЕБОР ќе позајмиме 55,3 милиони евра, со кои треба да се изградат новата регионална депонија „Русино“ за Полошкиот регион, регионалната депонија на дел од површината на досегашниот рудник за јаглен „Суводол“ за Пелагонискиот и Југозападниот регион и нова регионална депонија во Општина Василево за Југоисточниот и Вардарскиот плански регион.

Покрај изградбата на регионалните депонии, со заемот ќе се изведат и претоварните станици низ општините во земјава, а за сите општини од петте региони ќе се набават контејнери за селекција на отпадот, комунални возила за транспорт на отпадот и соодветна опрема за јавните комунални претпријатија.

Проектот ќе овозможи современо управување на отпадот за околу 1 милион жители во земјава, а од Европската Унија воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпад го оценија како еден од националните приоритети во процесот на преговорите на Северна Македонија за зачленување во ЕУ.

Европската банка за обнова и развој ѝ даде 73 поени на владината апликација за кредитот за изградба на регионалните депонии по стандарди на ЕУ и овој проект го оквалификува со термините „добро управуван“ и „инклузивен“.

Владата на РСМ во мај лани информираше дека ја испратила апликацијата за кредит до ЕБОР за обезбедување на средства за воспоставување на регионални системи за управување со отпад во пет региони од земјава.

Инаку, изградбата на регионалните депонии во неколку наврати се одложуваше во изминатиов период, дури и во случаи кога се обезбедени финансиските средства. Најчеста причина за кочењето на проектите се општините каде што треба да се градат регионалните депонии, односно нивното неслагање да се транспортира отпад во нивните општини од други делови на земјата. Последен ваков пример е Општина Свети Николе, каде што треба да се гради регионална депонија за Источниот и Североисточниот плански регион во селото Мечкуевци.

Поради честите промени на локациите каде што ќе се градат и откажувањето на проектите предизвикани од одделни општини, земјава во континуитет секоја година добива критики од Европската комисија во Извештаите за остварениот реформски напредок во делот на регионалните системи за управување со отпад. Она што е најважно, поради неизградените регионални депонии, бројот на диви ѓубришта низ земјава расте низ годините. Постојните општински депонии пак вршат загадување на почвата, воздухот и водите, при што граѓаните најчесто се жалат на палењето на насобраниот отпад на овие локации, кое предизвикува аерозагадување.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …