Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за техничка влада со мандат од 100 дена според Пржинскиот модел, за нов јавен обвинител и анкетна собраниска комисија за референдумот се апсолутно неприфатливи, изјави премиерот Зоран Заев денеска во Охрид, каде што учествува на научна конференција за идниот економски развој на Македонија што ја организира МАНУ.
– Ниту има причина, ниту има потреба да се дискутира за вакви работи. Самите институции дадоа свои коментари. Да се бара комисија која ќе провери дали референдумот бил законски, дали имало законитост во неговото спроведување и слично во услови кога претседателот на ДИК е од ВМРО-ДПМНЕ, како и Управниот суд, во кој нема сменето ниту еден член, само по себе кажува што всушност се сака со ваквите барања – вели Заев.
Најави дека останува на ставот во наредните денови да се разговара со пратеници во Собранието во, како што наведе, една пријатна, нормална и одговорна атмосфера.
– Веруваме дека ќе имаме некаков резултат до крајот на неделава или почетокот на наредната. Некаде околу 10 октомври е некаков таргет кога треба да и соопштиме на јавноста кои се следните чекори. Се надевам дека ќе имаме можност да соопштиме дека е обезбедено потребното двотретинско мнозинство – рече Заев.
Тоа, според него, ќе биде добро за државата бидејќи Македонија нема да загуби непотребни месеци, но нагласи дека секако останува отворена можноста целата оваа ситуација да се решава преку вонредни парламентарни избори, кои, како што посочи, не ги посакува.
Вели дека би сакал да го доврши сегашниот мандат пред сè поради доброто на македонската економија, за реформите и за сите тековни процеси.
Прашан дали ќе разговара со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, премиерот Заев рече дека нема што да разговара со него.
– Во минатото дадовме карт-бланш за техничка влада. Ги прифативме барањата за финансирање на политичките партии, ја формиравме Државната изборна комисија со претседател од ВМРО-ДПМНЕ. За возврат апсолутно не сакаа ни да разговараат за некаков начин за успешна поддршка на процесите кои се важни за Македонија – рече премиерот.
Прашан дали постои опасност опозицијата да ги бојкотира изборите ако не бидат исполнети нејзините услови, Заев рече дека не верува во таква можност бидејќи, како што наведе „тој процес е заокружен кога била лидерската средба со прифаќањето на пржинска техничка влада и со тоа апсолутно е заокружен процесот“.
Извор: МЕТА