Заев: Евро-атлантските интеграциски процеси носат охрабрување, стабилност, безбедност и позитивни рефлексии и за економски раст

Заев: Евро-атлантските интеграциски процеси носат охрабрување, стабилност, безбедност и позитивни рефлексии и за економски раст

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на покана на Институтот за стратегија и развој, денеска имаше свое обраќање на форумот “Економските предизвици и ефекти од евроатланските интеграции“.

Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

„Република Северна Македонија измина една значајна делница од утврдениот пат за остварување на стратешките интереси – на 6 февруари оваа година, го потпишавме Протоколот за пристапување во полноправно членство во НАТО во седиштето на алијансата во Брисел.

Оваа историска одредница за нашата земја ја постигнавме со вложување на повеќе генерации кои не потклекнаа и напорно работеа да ја реализираме нашата визија и стратешка цел: Да станеме дел од евроатлантското семејство.

Остварувањето на оваа наша цел има уште поголема суштина и заради неподелената поддршка на сите земји членки на НАТО колку што може побрзо да ја прифатат Република Северна Македонија како полноправна членка, како доверлив и достоинствен партнер во најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот.

Тоа дополнително ги отвора хоризонтите за поголема предвидливост и јасна иднина за нашиот политички и економски прогрес.

Како идна, 30-та земја-членка, сакаме да обезбедиме свој придонес за понатамошно обликување на Западен Балкан во мирен, просперитетен и демократски регион, како и да дадеме сериозен придонес во мирот, стабилноста и безбедноста на цела југо-источна Европа.

Единствениот начин малите земји да влијаат врз политиките и одлучувањето на глобално ниво е да станат партнери преку интеграции во наднационални организации.

Со зачленување во НАТО и ЕУ, по принципот на “еднаков меѓу еднаквите” и принципот на солидарност, ние имаме можност за влијание и еднакво право во носење на одлуките во овие организации.

Сметам дека сите можеме да се согласиме дека за само една и пол година, Владата успеа, заедно со граѓаните, заедно со пријателите, вас – меѓу другите и присутни овде, да ја врати земјата на вистинскиот, неповратен евро-атлантски пат, секако со решавање на клучните предизвици за иднината на нашето општество и нашата земја.

Договорите склучени со нашите соседи Бугарија и Грција се непобитен доказ за нашата зрелост и способност да градиме мостови на разбирање, на пријателство и соработка.

Економскиот раст зависи во голема мера од способноста на земјата да обезбеди одржлив мир и стабилност, односно долгорочната безбедност и политичка стабилност.

Членството во НАТО обезбедува поголема безбедност што ја подобрува можноста на земјата да обезбеди политичка и економската стабилност. Членството во ЕУ значи влегување во голем и развиен пазар со што се зголемуваат перспективите за економски раст.

Сакам и во оваа пригода да ги споделам, реално и отворено бројките како неприкосновен доказ дека ги добиваме истите придобивки како и кај другите земји кои во изминатите 15 години стануваа членки на НАТО.

Остваривме нови рекорди. Странските директни инвестиции, во висина од 624,5 милиони евра се дупло поголеми од најдобрите години од нашето постоење како самостојна земја до денеска.

Индустријата расте со 7,5 проценти, па со 12 проценти во споредба со лани. Процентот на невработеност се намалува, од 27 проценти пред 22 месеци, на сегашните 19,4 проценти.

Бруто Домашниот Производ, кој што пред 23 месеци беше -1,8 проценти, во последниот квартал од минатата година достигна 3,7 проценти. За првиот квартал од оваа година имаме сериозни индиции дека можеме да очекуваме над 4 проценти раст.

Со членство во ЕУ се влегува во пазар од 500 милиони потрошувачи, или 7,5% од светската популација, односно во најголемата светска економија со учество од 23,8% од светскиот БДП, по која следуваат САД и Народна Република Кина.

Интеграцијата во ЕУ за Северна Македонија ќе значи влез во 25 пати поголем пазар.

Дозволете да укажам само на неколку статистички показатели за придобивките од членството во НАТО.

Во 2004 година при влезот на Естонија во НАТО растот на БДП во оваа земја изнесувал 6.2%, а веќе следната 2005-та година пораснал на 9.3%, а во 2006 се зголемил на 10.2%

Во 2004 година при влезот на Латвија во НАТО растот на БДП во оваа земја изнесувал 8.3%, а веќе следната 2005-та година пораснал на 10.6%, а во 2006 се зголемил на 11.8%.

Во Естонија странските директни инвестиции се зголемени за три пати благодарение на позитивниот ефект врз економијата што го има членството на земјата во НАТО, од 968.5 милиони евра на 3.1 билиони евра странски инвестиции по зачленувањето во НАТО.

Во овие Балтички земји забележано е зголемување на вкупните инвестиции во економијата, зголемување на кредитната активност, намалување на невработеноста и зголемување на животниот век на населението.

Компаративна анализа на новите земји членки на ЕУ и на НАТО со останатите земји од Западен Балкан, покажува дека новите земји членки бележат поголем економски раст и побрзо се доближуваат до животниот стандард на земјите членки на ЕУ.

Новите земји членки имаат поголем пораст на продуктивноста на трудот, а деловната клима е по поволна во новите земји членки споредено со просекот на другите земји од Западен Балкан.

Кај земјите членки на ЕУ и НАТО кои членството го остварија од 2004 година наваму, забележан е побрз напредок во структурните реформи за развој на приватниот сектор, а ЕУ, како најголем трговски партнер, придонесува за побрз раст на извозот за новите земји членки во споредба со земјите од Западен Балкан.

И конечно, но не помалку важно, новите земји членки на ЕУ и НАТО покажуваат поголем напредок во однос на институционалната демократија и доброто владеење – слободата на изразување, политичка стабилност, квалитет на регулаторите, ефективност на владата, владеење на правото и контрола на корупцијата.

Тоа се НАТО и ЕУ. Евро-атлантските интеграциски процеси носат охрабрување, стабилност, безбедноста којашто дефинитивно дава и позитивни рефлексии.

Затоа со споделувањето на нашите заеднички вредности: посветеност на демократија, на слобода, слободна пазарна економија, почитување на човековите права и владеење на правото, нашата земја ќе го даде својот позитивен придонес како нова, 30-та земја-членка на НАТО, и како земја која со право очекува да биде потврден датумот за старт преговорите за поглавјата за членство во ЕУ.

Јас сакам, навистина моментите на нашето зачленување во НАТО да бидат многу логични, и со  многу оправдани причини.

Со тоа да покажеме и домашен капацитет дека одлуките не само што биле инспирирани од политички мотиви, туку и во суштина нашата земја, пријател со сите, навистина заслужува да биде следната 30-та земја-членка на НАТО, и земја која ги отвори поглавјата за преговори за членство во Европската Унија.

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …