Заев и Пендаровски на ифтарска вечера организирана од Стопанската комора на Северо-западна Македонија

Заев и Пендаровски на ифтарска вечера организирана од Стопанската комора на Северо-западна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и Претседателот на државата, Стево Пендаровски синоќа беа гости на ифтарска вечера организирана од Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, по повод светиот месец Рамазан.  

По завршување на вечерата, премиерот Зоран Заев се обрати пред присутните, а на организаторите им се заблагодари за поканата и за укажаната чест. 

Покрај премиерот Заев, свое обраќање имаше и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и  претседателот на стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Неби Хоџа, кој им заблагодари за присуството на сите гости. На оваа ифтарска вечер присутни беа и вицепремиерите Кочо Анѓушев и Бујар Османи, министрите Крешник Бектеши, Дамјан Манчевски и Едмонд Адеми. 

Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев: 

„На почетокот дозволете ми да ја изразам мојата голема благодарност за поканата и за честа што ми е укажана да бидам заедно со вас, на ифтар, за време на Светиот месец Рамазан.

Ова е убава прилика вам, и на сите припадници на исламската вероисповед во нашата земја да им посакам честитки и радост во извршувањето на вашите должности, и во духовен мир, среќа и здравје да го дочекате Бајрам.

Најважниот и најсветиот месец во духовниот живот на припадниците на Исламот повикува уште еднаш да ги афирмираме вредностите на простување и сочувствување, на толеранција и на почитување на другите.

Рамазан е и празник кој не учи дека сите имаме должност да им помагаме на другите, да реагираме и да помагаме да се исправи неправдата, ако му е некому нанесена. Да го даваме најдоброто од себе за да создаваме заедница во која сите сме еднакви. Наша должност е да си служиме и да си помагаме едни на други.

Овие вредности се испреплетуваат низ сите вредносни системи на различните верски традиции во нашата земја.

Тоа е големата вредност на овие наши заеднички простори во кои сме упатени едни на други зашто цврсто не поврзуваат вековните меѓусебни уважувања.

Посебно ми причинува задоволство што вечерва сум меѓу пријатели, сонародници, со кои заеднички ги делиме сите предизвици на нашето заедничко општество.

Партнерскиот однос и меѓусебната соработка што ги воспоставивме со Стопанската комора на Северо-Западна Македонија и со бизнис заедницата од овој регион е од огромно значење за успехот и исчекорот напред на нашите економски политики, во интерес на граѓаните и секако на компаниите.

Тоа е здрава и стабилна основа на којашто ја поставивме нашата земја.

На крајот дозволете ми уште еднаш да ви посакам преостанатите денови од постот за време на Светиот месец Рамазан да ги поминете со членовите на вашите семејства, пријателите и со најблиските, во слога и спокојство, со сите ваши соседи и пријатели, во добро здравје и духовна сила која ќе ви даде поттик во остварувањето на вашите добри дела.“

Прочитајте повеќе

пожари стрништа ниви

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Од обвинителството за Мета.мк брифираат дека во државата нема регистар на шуми и обвинителството тешко може …