Заев и Тевдовски: 2019 година ќе биде година на повисоки плати, повеќе вработени и повеќе инвестиции

Заев и Тевдовски: 2019 година ќе биде година на повисоки плати, повеќе вработени и повеќе инвестиции

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски денеска одржаа заедничка прес-конференција на која ги сублимираа резултатите од финансиските  економските политики на владата за минатата година и ги најавија очекувањата на овој план во 2019 година.

Премиерот Заев истакна дека годината што измина беше година на враќање на евроатланските интеграции на врвот на агендата што се очекува да се заокружат со усвојување на уставните измени, со што ќе се овозможи потпишувањето на Пристапниот протокол за ратификација на членството во НАТО, со што од зоната на целосна неизвесност, Македонија обезбедува сигурна и обезбедена иднина, со што се отвораат реални и одржливи економски перспективи.

„Тоа ни дава за право, оваа, 2019 година, да ја гледаме како година на остварување на економски резултати, година кога економијата почнува да функционира за секого, за што поставивме сериозни основи во Буџетот и во економските политики за поддршка на бизнисот и на инвестициите“, рече премиерот Заев и додаде дека паралелно со поставените услови за растечка економија, е поставен и цел систем на реформи за социјална праведност, како основи за подобра живејачка за сите граѓани.

Промовиравме ново, праведно оданочување, реформа на пензискиот систем која ќе го запре растот на дефицитот, и зголемување на социјалната благосостојба.

„Во 2019 година ќе продолжи трендот на раст на платите и на вработувањето во приватниот сектор, поддржан со владините мерки, со што ќе се зголеми расположливиот доход на домаќинствата. Проектиравме намалување на невработеноста на рекордно ниски 20% со помош на пакетот активни мерки за вработување – вреден 1.1 милијарда денари, како историски највисок износ во досегашните политики за вработување“, нагласи претседателот на Владата на РМ Заев.

Тој потенцираше дека Владата на РМ останува на определбата за раст на поддршката за домашните и странските инвестиции, со буџет повисок за 40% во однос на ребалансот за 2018 година, со што на менаџерите и компаниите им обезбедува зголемување на конкурентноста преку мерките за нови инвестициони вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување нови пазари, обезбедува нови работни мести, субвенции за иновативната дејност, технолошки развој и истражување, и други погодности, подеднакво достапни и за домашните и за странските компании.

„Во 2018 година се започна со изградбата на 16 нови странски инвестиции кои ќе имаат сериозен импакт во економијата. 250 домашни фирми добија директна помош со новиот закон за поддршка на развојот преку Фондот за иновации и технолошки развој. 15 компании добија лиценца за производство на медицинско масло од марихуана, и вработуваат 300 лица и очекуваат вкупен обрт на капитал од преку 100 милиони евра. Тоа е 1 процент од БДП на државата. Повеќе од 15 компании стартуваат со работа како во земјоделскиот сектор, а преку 20 компании се отворени во индустриските зони на општините, надвор од ТИРЗ-овите“, потсети претседателот на Владата Заев.

Премиерот Заев рече дека силен придонес за вкупниот економски раст во оваа година се очекува и од  земјоделството со зголемениот буџет за поддршка за земјоделството, како што е, меѓу другото и мерката „Зелената нафта“ за субвенционирање  на земјоделските стопанства од 30% при набавка на гориво за земјоделска механизација, која се воведува за прв пат во нашата земја.

Во фокусот на оваа Влада останува Програмата за рамномерен регионален развој планирана на ниво од околу 512 милиони денари, што е за 107 милиони денари повеќе во однос на ребалансот за 2018 за развој на планските региони, за проекти за развој на селата, како и Проектот за подобрување на општински услуги за изградба капитални инфраструктурни проекти за поквалитетен живот и за заштита на животната средина.

Во 2019 следува сериозно придвижување во делот на капиталните инвестиции, особено во делот на патната и железничката инфраструктура со приоритет фокусиран на железничкиот Коридор VIII.

„Учеството на Европската Унија и на нејзините финансиски институции со поволни кредити за капитални проекти во Македонија, потврдува дека нашата и европската интеграција на Западен Балкан е препознаена како геостратешка инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа, базирана на заеднички вредности и стандарди“, нагласи Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев на заедничка прес конференција со министерот за финансии Тевдовски, на која ги сублимираа резултатите од финансиските  економските политики на владата за минатата година и ги најавија очекувањата на овој план во 2019 година.

Министерот Тевдовски од своја страна укажа на фактот дека во 2018 година беа успешно реализирани клучните цели на економската политика:  платите растеа, а вработеноста се зголеми, и дека 10те клучни реформи за подобрување на системот на јавните финансии во 2018 ги дадоа очекуваните резултати.

„Силната стапка на раст на платите од околу 4,5% очекуваме дека ќе продолжи и во 2019 година. Таа ќе се реализира и во приватниот и во јавниот сектор. Веќе е буџетиран растот на платите од 10% на докторите специјалисти и 5% на останатиот медицински персонал почнувајќи платата за јануари; 5% зголемување на платите на вработените во градинките и училиштата, како и администрацијата, почнувајќи од платата за септември 2019 година. Повисоките плати ќе доведат до зголемена потрошувачка во економијата, со што ќе придонесат и за заживување на економската активност“, најави министерот за финансии Тевдовски.

Согласно ваквите очекувања, соопшти Тевдовски, како и според предвидувањата за меѓународното економско окружување, реалниот економскиот раст во 2019 година ќе забрза на 3,2%. Ова е во согласност со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции (ММФ-2,8%, Светска банка-2,9%, НБРМ-3,5%), и дека подобрени јавните финансии, како крвоток на системот, ќе придонесат 2019 година да биде година на повисоки плати, повеќе вработени и повеќе инвестиции.

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …