Заев и Ципрас и официјално номинирани за Нобелова награда за мир

Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас се номинирани за Нобелова награда за мир за 2019 година за Договорот од Преспа, со кој се надминува дводеценискиот спор за името.

Номинацијата на Заев и Ципрас денеска во Скопје ја објави добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи на церемонијата што се одржа на Универзитетот ФОН .

Бушамауи рече дека Договорот од Преспа покажува дека две држави заедно се способни да седнат, да преговараат и да постигнат договор.

– Номинацијата не е само лично за Зоран Заев и за Алексис Ципрас, туку и за сите граѓани. Ова е модел за дијалог и просперитет. Силно верувам дека Македонија или треба да кажам Северна Македонија и Грција ќе ја добијат Нобеловата награда и ќе бидат доказ за светот дека се може да се постигне со договор. Откако ќе биде ратификуван Договорот ќе биде силна порака дека дијалогот е можен – рече Бушамауи.

На церемонијата присуствуваше и европратеникот Стелиос Колуглу од редовите на грчката партија Сириза, кој дава поддршка за номинацијата на Заев и Ципрас за Нобелова награда за мир.

Кулуглу кажа дека ако имаше Нобелова награда за војна, досега на Балканот ќе беше доделена повеќепати, а Договорот од Преспа е единственото добро и позитивно нешто што моментално доаѓа од Европа, која е поделена и соочена со бројни проблеми.
– Договорот од Преспа е договор што го решава долгогодишниот проблем, не само за името, туку и обезбедува дефинитивно решение на македонското прашање. Зоран Заев и Алексис Ципрас постигнаа договор за кој што требаше храброст и кој ги стави националните интереси над партиските. Договорот го должиме на претходните генерации, но и на нашите деца и следните генерации кои мора да живеат во мир и просперитет – рече Кулуглу.
Тој посочи дека Договорот имал голем број противници од двете страни, но дека е нелогично, тоа што и двајцата премиери истоврмено се соочуваат со обвиненија од своите противници дека ги предале националните интереси.
По церемонијата во Скопје, Бушамауи и Кулоглу на 19 декември, заминуваат во Атина, каде што ќе се сретнат и со грчкиот премиер Алексис Ципрас, за официјално да му ја соопштат номинацијата.
Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …