Заев и Вархеји на заедничка прес-конференција: Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан е порака за кохезија и поврзување на регионот

Заев и Вархеји на заедничка прес-конференција: Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан е порака за кохезија и поврзување на регионот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со комесарот за соседство и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, денеска, одржаа заедничка прес-конференција, по одржаната билатерална средба и свечената владина седница, на која еврокомесарот го презентираше Годинешниот извештај на Европската комисија за нашата земја и Економско-инвестицискиот пакет на ЕУ за Западен Балкан.

Во продолжение, ви го пренесуваме интегрално обраќањето на премиерот Заев:

„Почитуван Комесар за соседство и проширување на Европската комисија господин Оливер Вархеји,

Почитувани членови на Владата на Република Северна Македонија,

Дозволете ми и пред вас и пред нашата јавност да му посакаме уште еднаш добредојде на комесарот за соседство и проширување на Европската комисија (ЕК), господинот Оливер Вархеји,

Од свое, и од име на македонските граѓани дозволете ми да Ви се заблагодарам за Вашиот неуморен ангажман за унапредувањето на евро-интеграциското досие на Северна Македонија, вклучувајќи ја и вашата денешна посета за лично да ни го презентирате Годишниот извештај на Европската комисија за нашата земја, како и да нѐ запознаете со Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан.

Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,

Вчера Европската комисија ги објави двата исклучително важни документи за европската агенда на Република Северна Македонија: Годишниот пакет за проширување кој го вклучува годишниот Извештај за процесот на пристапување на земјата во ЕУ како и Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан. Имав чест да ми биде предаден денеска, директно од еврокомесарот.

Годинешните пакети на Европската комисија имаат посебно значење бидејќи се објавуваат во амбиент на зајакнато внимание на процесот на проширување помеѓу земјите членки, во време на тековните дискусии за преговарачката рамка за нашата земја, и конечно, во период кога го очекуваме одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Република Северна Македонија и ЕУ до крајот на годинава во рамки на Германското претседателство со ЕУ.

Целиот пакет документи се придонес кон создавање силен политички момент за уште еден, овој пат ќе речам – конечен исчекор во европската агенда на земјата со кој ќе отпочне преговарачкиот процес согласно новата методологија и влегување во нова повисока фаза во остварувањето на нашата стратешка цел-членство во ЕУ.

Дополнително, особено важен момент е што Извештајот на Европската комисија се објавува во период на реафирмирање на реформските чекори и Програмата на новата Влада и претставува одлична алатка за прецизно дефинирање на приоритетите и секторските планови во наредниот период.

На овој начин се создава силна синергија и комплементарност, поефикасно планирање на неопходните ресурси и подобро фокусирање на целиот општествен потенцијал за испорака на конкретни резултати за просперитет на Северна Македонија и на нашите граѓани.

Сите овие аспекти се важни и по однос на подготовките на земјата за преговарачкиот процес.

Согласно досегашната пракса, Извештајот на Европската комисија дава јасна слика за состојбите во земјата. Ги нотира областите каде што е постигнат напредок, како и областите каде што треба да се вложат дополнителни напори за нивно усогласување со европските стандарди.

Во таа насока оди и нашата благодарност и за остварувањата и за укажувањата во извештајот на Европската комисија.

Во извештајот за Северна Македонија е констатирано дека содржинскиот дијалог на Владата на нашата земја со Европската комисија се наоѓа на многу повисоко ниво. Се наведува дека Северна Македонија во голем број области постигнува високо ниво на усогласеност со европското законодавство и се препорачува имплементација и испорака на уште поголеми резултати.

Посебно се издвојуваат наодите во  областите  фундаментални  вредности,  избори, владеење на правото, судството и борбата против корупцијата, од кои може да се заклучи  дека земјата е на добар пат и треба да продолжи со имплементацијата на веќе донесените закони и постоечки механизми.

Јас како премиер, заедно со министрите, од анализата на наодите од Извештајот ќе ги искористиме укажувањата на Европската комисија за проверка на нашите акциски планови и стратегии од првиот кластер од поглавјата за преговори посветен на темелните вредности, кои натаму ќе се преточат, се надеваме,  во преговарачки позиции на нашата земја.

Дозволете ми, посебно да го издвојам и исклучително важниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан, за кој комесарот Вархеји има најголема заслуга.

Ние сме благодарни, сите наши граѓани, Владата и сите институции.

Овој Инвестициски план е од голема важност за поддршка на развојот на приватниот сектор, транспортното и енергетското поврзување, дигитализацијата, зелената агенда и социјалните инвестиции во регионот, енергетските проекти во целиот овој регион. Ова е исполнување на сонот, со сите овие милијарди во порака на кохезија на регионот, на поврзување на целиот регион и вистинска мотивација да испорачаме уште поголеми резултати во периодот којшто претстои.

Мобилизираната финансиска поткрепа од девет милијарди евра преку ИПА 3 финансирањето, во комбинирана форма на грантови и поволни заеми за да се подржи економската конвергенција на Западен Балкан со Европската Унија, ќе испрати силна порака за поддршка на европската перспектива на регионот и за комплементарноста на реформските процеси со забрзаниот економски развој на целиот овој регион.

Владата на Северна Македонија, како и владите на останатите земји од регионот веќе ви достави листа на созреани национални проекти кои ќе имаат сериозен општествено влијание како што се проекти од областа на управувањето со отпад и отпадните води, користење на хидро-енергетскиот потенцијал на земјата, унапредување на гасоводната мрежа како и продолжување на унапредување на патната и железничката инфраструктурна мрежа долж Коридорот 8. Вие, ги прифативте овие наши планови и денеска се составен дел на овој Економски инвестициски план.

Благодарни сме што многу важни проекти за Северна Македонија ќе бидат поддржани и одобрени за поддршка и финансирање со планот.

Изразувам благодарност до ЕУ и за несебичната помош, којашто ни беше дадена  за време на КОВИД-19 кризата која сѐ уште трае. Вчера „легнаа“ 80 милиони евра на сметката на Буџетот на Република Северна Македонија, а останатите 80 милиони евра ќе бидат во претстојниот период. Навистина солидарноста на Европската Унија се покажа на дело и сето она што Вие господине еврокомесар и Вие и целата Европска Унија е навистина најголемиот поттик за нашето идно работење.

Секако, благодарни сме за видливо демонстрираната солидарност и помош за итна поддршка за здравствениот сектор, за финансискиот пакет за соочување со социо-економските последици, како и за макро финансиската помош која ќе биде важно надополнување.

Дозволете ми Комесар Вархеји, уште еднаш да Ви се заблагодарам и да Ви посакам натамошно продолжување на нашата плодотворна соработка и верувајте ќе ви возвратиме со работа, резултат и европеизација на Република Северна Македонија“.

Прочитајте повеќе

Венко Филипче

Д-р Филипче од Струмица: 30.000 денари просечна и 20.000 минимална пензија во следниот мандат (ВИДЕО)

„Секогаш е пријатен муабетот со пензионерите, затоа што тие се мудри, искусни и нивните совети …