Заев: Избори ќе има пред летото, нема бегство од одговорност!

Изјава за медиуми на Зоран Заев, претседател на СДСМ, дадена после лидерската средба:

Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани,

Прво морам да искоментирам Христијан Мицкоски се извини затоа што имало лидерска средба, па на негово барање беше лидерската средба и исто на негово барање беше одложувањето на лидерската средба за уште една лидерска средба. Треба да се извини за повеќе работи, вклучително и за тоа што ја турка државата во период кога целиот свет очекува нова пандемија и нови бројки и големи проценти на заразени.

Како што веќе слушнавте за жал не се постигна договор да се организираат избори во првиот соодветен термин, иако сите податоци и аргументи укажуваат дека се создадени услови и сега е вистински момент да се излезе на избори, и тоа од здравствен, економски и демократски аспект.

Тоа го потврдуваат и препораките од Комисијата за заразни болести, тоа го потврдуваат и законските рокови, уставните одредби дури и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

Од Комисијата извештајот што е доставен покрај препораки и коментари има и детали како да се води кампања и начинот на кампањата, разработен е и денот на изборите, но има и една глава во која се вели предвидувања за следниот период, и вели: имајќи предвид дека сме во период во фаза кога ги гледаме сите ефекти од силните рестриктивни мерки се наоѓаме во последните недели од вообичаеното траење на респираторните епидемии, во фаза во која не работат школи и градинки и имаме затворени граници, состојбата со Ковид19 вирусот ќе потрае подолг временски период се до пронаоѓање на вакцина. И затоа велат пред нас е период во којшто треба да научиме да живееме со вирусот.

Од друга страна фактори кои може да влијаат во влошувањето на епидемијата се отворање на државните граници, патувања надвор од државата, враќање на голем број на наши граѓани во државата, но и влез на странци во земјата што се очекуваат во летните месеци, почетокот на новата учебна година о почетокот на сезоната на грип со можност за појавување на епидемија од сезонски грип. И заклучуваат според ова како изминува времето се повеќе се зголемува ризикот за враќање на епидемијата со втор бран и зголемување на бројот на пациенти.

ОБСЕ/ОДИХР одговараат, тие се подготвени повторно да се распоредат за активностите поврзани со изборите штом ќе се утврди датумот за избори и секако водејќи аспект на патните ограничувања по протоколите поврзани со здравјето.

Неодговорноста, незрелоста и мислењето само на партиската фотелја на Мицкоски во ВМРО-ДПМНЕ не доведе до тоа да нема договор со консензус. Наместо да се стават интересите на граѓаните и државата на прво место, за Мицкоски се партиските калкулации и стравот од изборите. Не сум видел досега ваков политичар со ваков страв од сопствените граѓани.

Политичари кои работат за интересите на граѓаните не се плашат од сопствените граѓани. Однесувањето на Мицкоски е незрело и неодговорно на штета на граѓаните и државата, впрочем и како што го видовме во изминативе две ипол години, и за време на справување со кризата.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да се одолговлекува здравствената и економската криза и да креираат нова, политичка криза. Тоа ние нема да го дозволиме.

Имаме одговорност пред граѓаните и државата, на граѓаните им требаат целосно функционални институции со нов мандат да им служат и да се подготват за новиот бран од корона кризата на есен.

Предупредување за овој нов бран веќе издаде и СЗО и треба подготвени да го пречекаме на граѓаните им треба враќање на новата нормалност, трансформација на македонската економија и заштита на здравјето на соодветен начин. Коронавирусот е веќе наше секојдневие, се додека нема вакцина.

Одговорност е на политичките партии е да направат се, колку што може побрзо да им ја обезбедат таа нова нормалност на граѓаните. Во нови услови согласно препораките и протоколите за заштита сметаме дека можеме да организираме избори. Техничката влада чија првенствена улога е да организира избори паралелно со мерките за заштита на граѓаните, треба да рестартира и предизборните процеси за организирање слободни, фер и демократски избори со целосна заштита на здравјето на граѓаните. Очекувам да се подготват сите процеси на институциите задолжени за изборите пред се на ДИК.

На денешниот состанок Мицкоски не кажува како ќе се свика Парламентот и не може да каже, нема начин како. На овој состанок Мицкоски ниту спомна нешто за напуштање на Владата затоа што нема избори, а притоа техничката влада е формирана за избори, ниту ова не го спомнува. Повторно се бараат некои извештаи на комисии, да се купува време итн. па дури и се бара да се каже дека комисијата може да гарантира дека крајот на август или почеток на септември ќе има 0 починати или 3-4 заразени, тоа не може никој да го гарантира.

Затоа според нас ова е само купување на време, заради неспремност и страв да се излезе на избори. Изборите се утврдени и во моментов согласно вонредната состојба којашто завршува на 30ти мај, изборите се на 21 јуни.

Член 43, став 2 од Изборниот законик којшто се донесе на денот на распуштањето на Парламентот, усогласен заедно и власт и опозиција, сите. Во членот 43, став 6-вели: МВР во рок од еден ден од завршувањето на јавниот увид доставува листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кои основ и истите ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на завршување на јавниот увид, и МВР исто така во рок од еден ден доставува листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачки список по службена должност. Напомнувам, сите граѓани имаат патна исправа само оние кои не посакале да извадат патна исправа, немаат, значи и деца и бебиња имаат патни исправи. Сите граѓани над 15 – 16 години имаат и лични карти, тие можат да ја извадат затоа што можат после 16 години согласно законите на РСМ да работат и тоа е дозволено. Има и време до денот на изборите сите граѓани да извадат лични документи. Напомнувам, член 43, став 6 заедно усогласен во изборниот законик, вели: МВР во рок од еден ден е должен да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачки список по службена должност.

Истовремено, намерата да учествуваме на изборите јасно е декларирана од сите нас како учесници во кампањата. Навремено сите имаме поднесено кандидатски листи, сите, вкупно 14 кандидатски листи. Листите се одобрени и прифатени од ДИК и ждрепката е веќе завршена. Изборите се утврдени и закажани, прашањето е дали се има желба да се учествува на изборите или не. 2008 година, тогашната власт носи одлука за распуштање на Парламент и оди на Предвремени Парламентарни избори, 2011 година без да не праша носи одлука за распуштање на Парламент и оди на Предвремени Парламентарни избори, 2014 година тогашната власт носи одлука за распуштање на Парламент и оди на избори. Еве не 2020 година ние донесовме заедничка одлука прво кога да бидат изборите, дека ќе бидат на 12 април и отидовме во Парламент и го распуштивме истиот. Бегање од избори, нема.

Оттука очекувам да се подготват сите и сите процеси за кои се задолжени институциите да си ги завршат своите работи. На македонската демократија и на македонскиот развој им требаат стабилни институции и колку што е можно поскоро рестартирање на македонската економија и враќање на нормалниот колосек на европските интеграции.

На македонските граѓани им треба Собрание, функционално и политичка влада со полн и нов легитимитет од граѓаните и ние имаме обврска да го обезбедиме. Интересот на граѓаните и државата е на прво место и ние нема да дозволиме никој па ни Мицкоски да го загрозува нивното здравје, да ја загрозува нивната економија и загрозување на демократијата. Џабе е бегањето од избори на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Бегање нема избори ќе има и тие ќе изгубат на изборите.

Прочитајте повеќе

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Таа напиша дека „пари од нечесник не сака“ и поради тоа се откажува од паричниот …