Заев: Ќе сторам сè процесот на уставни измени да биде успешен

Одговори на новинарски прашања од премиерот Заев, на маргините на регионалниот форум „Промовирање на имплементацијата на Истанбулската конвенција во земјите на Западен Балкан и во Турција – Интегрирани политики, инклузивни партнерства“. 

Прашање: Што зборувавте со Никола Тодоров и Митко Јанчев, дали добивте поддршка за уставните измени?

Заев: Тоа што го разговаравме беше поврзано со Интерпарламентарното или Координативното тело за помирување, реформи и реинтеграција, така да кажам. Тие беа темите за кои разговаравме, заради тоа што знаете дека намерата е покрај завршување на процесот на уставните амандмани, преку можно максимално негово вградување на колку што е можно повеќе во политичкиот естаблишмент. Тоа го правиме, заради тоа што, јасно изразената одговорност од Никола Тодоров и градоначалникот Митко Јанчев, верувам дека може многу да охрабри одредени пратеници кои што знаат кој е исправниот чекор, а се уште немаат доволно храброст да го направат тој чекор. Навистина, ќе сторам се за реализирање на овој процес, имаме максимална консолидација во општеството, во врска со ова исклучително важно прашање за Република Македонија, а тоа се уставните амандмани, заради тоа што, гледате дека уште во првата фаза имавме инклузивен процес. Верувам дека и во оваа фаза сега, која што привршува со пленарната седница, која ќе почне на 1 декември, но посебно во последната фаза кога ќе помине јавната дебата и ќе бидат конечни амандманите со нивното „амандмирање“, односно нови амандмани на самите амандмани, верувам дека можеме бројката од 80 да ја зголемиме многу повеќе. Затоа што и таа бројка од 80, која што беше овозможена при првото гласање беше  само за тогаш и никој не може да каже дека таа бројка ќе опстојува. Јас искрено се надевам дека бројката ќе расте.

Прашање: Тие се исклучени од партиските органи, имаат ли уште влијание врз пратениците?

Заев: Секако верувам дека имаат и затоа ги повикав  на едно кафе во Струмица. Навистина вечерта седевме на транспарентен начин, пиевме кафе и разговаравме, токму заради тоа. Нивното влијание не е од политички позиции во партијата, заради тоа што, да, се исклучени, но тие се чувствуваат како ВМРО-ДПМНЕ и верувам дека комуницираат со многу пратеници, така барем ми потврдуваат. Такви се и моите чувства и продолжуваме на основа на разговори, на основа на аргументи, на основа на одговорност, која што сите ја имаме, да се обидеме да помогнеме во целиот овој процес.

Прашање: Ќе го подржите ли Законот што го подготвија тие осуммина пратеници, кои се дел од Телото за помирување?

Заев: Јас не сум го видел Законот. Знам дека овие денови треба да се одржи Координативното тело, со задоволство би учествувал на тоа Координативно тело, за да ги видам сите детали. Нашите претставници од СДСМ ми немаат доставено пишан материјал, знам дека се работи од страна на сите во Координативното тело. А, ако има нешто готово, би дал свои коментари, но дефинитивно, јас сум иницијаторот на процесот на помирување, верувам искрено во него. Оваа закрвавеност, омраза кои што се јавуваат во нашето општество,  треба да помогнеме, сите заедно да се надминат разликите, посебно во периоди кога сме сите заедно за стратешките цели, а тоа е членството во НАТО и во Европската Унија.

Прашање: Би прифатиле ли да се кандидирате за претседател на Република Македонија?

Заев: Не, не би прифатил. Мислам дека бегањето од одговорноста на средина на цел процес, даден мандат од граѓаните е нешто за кое што јас верувам дека не би требало да го направам. Одговорноста е пред граѓаните. Моите ставови се дека треба да се истрае еден цел мандат, да се даде шанса на економијата, да се даде шанса на реформите, на целиот овој процес. Конечно, Македонија заслужува еден цел мандат, но тоа е само она што зависи од мене. Секако, има и многу други политички чинители. Јас верувам дека има многу подобри кандидати за претседател за Република Македонија, од мене.

Прашање: Големо е незадоволството кај медицинските сестри и останатиот средно медицински персонал, поради нееднаквото покачување на платите од јануари. Министерот за здравство преговара, договара со нив, меѓутоа тврди дека 5 проценти (зголемување на платите, н.з.) е само за сестрите, 10 проценти за лекарите специјалисти. Најавуваат и бојкот на работата и можен штрајк. Ќе преземете ли нешто?

Заев: Мора да видиме грижа сите, на еднаквости, рамноправноста со сите други јавни службеници во Република Македонија. Секако, важноста и вредноста на медицинските сестри  е од висока почит и за Владата и за сите во општеството. Јас оставив на Синдикатот заедно со министрите. Тие ги знаат сите максимални буџетски можности кои што ги имаме и еве само ќе ги кажам деталите на бројките. Покачувањето на 10 проценти на платите на специјалистите сега од 1 јануари, претходното 5 отсто и следното 5 отсто, постигаме, некаде во просек, 90.000 и нешто, вкупни приходи за специјалистите. Специјалистите во Клиничкиот центар, имаме специјалисти кои што со чесен труд ги заработуваат своите пари, повеќе од 120.000 денари. Јас, верувам, знаејќи ги сите тие параметри на микро план, можат Синдикатот, на основа на Колективниот договор со министерот да разговараат за сите детали. За фер и еднаква распределба на финансиските средства. Направивме максимум, да не заборавиме Македонија помина тешка политичка криза со сериозни финансиски импликации. Овие, се сериозни стотици милиони денари, кои што ги определуваме за оваа работа и ќе продолжиме секако и понатаму. Верувам, дека во рамките на севкупните буџетски можности ќе се изнајде решение, помеѓу партнерите во дијалогот, Министерството за здравство и Синдикатот.

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …