Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска беа во посета на Еуроникел индустри поранешно Фени Индустри, направија обиколка во производствените погони, и се задржаа во разговор со работниците и менаџментот и дадоа кратки изјави за медиумите.
„Денеска заедно со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев сме во посета на Еуроникел индустри поранешно Фени индустри, нашиот познат комбинат за производство и извоз на фероникел во кој беше завршена најуспешната стечајна постапка во историјата на нашата држава. Еуроникел индустри денеска е повторно една успешна приказна и го задржува приматот што го имаше долги години наназад, како најголем извозник на фероникел од Северна Македонија и двигател на македонската економија“, изјави премиерот Заев.
Премиерот Заев дополни дека кризите и наследените проблеми во комбинатот се надминати и дека вработените се задоволни и среќни, добиваат плата којашто ја надминува просечната нето плата, долговите се исплаќаат, се отвораат нови работни места и компанијата продолжува да извезува на странските пазари и да влегува во нови инвестициски процеси.
„Владата на Република Северна Македонија будно го следеше процесот на стечајната постапка од причини што овој комбинат е клучен за овој регион затоа што вработува 1000 наши сограѓани кои егзистираат токму од работата во Фени, но и затоа што е столб во креирањето на бруто домашниот производ и е на еден начин мотор на економскиот развој. За жал несовесното менаџирање, толерирано од институциите тогаш ја доведоа егзистенцијата на овие семејства под знак прашалник. Но денеска сум среќен затоа што – заштитени се работниците и нивните работни места и продолжува со работа комбинатот“ нагласи премиерот Заев.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев го изрази своето задоволство при посетата на компанијата Еуроникел и потенцираше дека вистинска среќа претставува моментот да се види фабрика, која беше во опасност да се претвори во старо железо, да работи со успех и да се види среќата кај работниците. Тој истакна дека со рестартирањето на Еуроникел се стави крај на голготатата под која беа изложени сите вработени и компаниите кои соработуваа со Фени, при што потенцираше дека ова е најсветол пример за успешен стечај и гордост за сите институции на системот на државата.
„Еуроникел не е само статистичка бројка во Бруто домашниот производ. Тоа е судбина на целиот регион и сите вработени, задоволен сум што ја гледам среќата на лицата на вработените. Моето задоволство е уште поголемо, бидејќи преку разговори со менаџментот дознавме дека тие имаат план да инвестираат дополнителни 10-тина милиони евра во пуштање на нова печка, што значи дополнително производство, попозитивни резултати и нови вработувања. За оние кои покажаа сомнеж каде се 624-те милиони евра директни странски директни инвестиции во 2018 година, ова е најдоброто место од кое можеме да го дадеме одговорот. Околу 100 милиони евра се во овој комбинат, исплатени се сите доверители, долговите на компанијата и донесен е оперативен капитал во фабриката. Со гордост можеме да кажеме дека ја движиме македонската економија во вистинска насока, дека не правиме стиропор економија, туку реална економија на реални вредности и бројки“, подвлече вицепремиерот Анѓушев.
„Денеска сме привилегирани да го пречекаме премиерот и владините претставници. Нашата групација е горда што ја реализира една од најголемите странски директни инвестиции во земјата, отворајќи пат за фабриката да излезе од стечај под сопственост и името на Еуроникел. Сега сме фокусирани да обезбедиме раст на компанијата и економијата на земјата да напредува преку зголемената трговија со земјите во Европа и пошироко. Додека ги имплементираме нашите инвестициски планови, ќе ги споделуваме вестите за тековните случувања во врска со подобрувањата во производството, можностите за вработување и позитивните ефекти што ќе ги носи Еуроникел во заедницата“, изјави директорот на матичната компанија на Еуроникел, ГСОЛ Маркос Камхис.
„Задоволство ми е да објавам во оваа прилика, дека инвестицијата во реновирањето и рестартирањето на втората печка е веќе во тек. Ова е инвестиција од минимум 10 милиони евра, што ќе го доведе Еуроникел Индустри на врвот на фероникел производители во Европа. Придобивките од оваа инвестиција се повеќекратни бидејќи ќе го зголемат производството и извозот, што исто така се претвора во прилив на девизи, нови работни места, поголеми можности за домашните добавувачи и изведувачи и секако, директно ќе влијае на растот на БДП на земјата. Ние сме среќни што денес во просториите на Еуроникел сме домаќини на највисоките владини претставници на Република Северна Македонија и испраќаме порака дека нашата земја е атрактивна инвестициска дестинација“, изјави Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел Индустри.