Заев, Конгресот и „евергрин“ политичките фаци

Пишува: Зоран Милошески

Најголемата владејачка партија во недела ќе го одржи 26 Конгрес, кој ќе има изборен карактер. Од тие причини, сосема е јасно зошто очите на домашната јавност се вперени кон „Бихаќка“: од проста причина што од изборот на највисоките органи и тела на партијата, ќе се насети дали и во колкава мера, по хоризонтала и вертикала, ќе се реализираат долго најавуваните кадровски промени. Што заедно со изборот на кандидати за градоначалници и членови на општинските Совети, може да биде од пресудно значење за исходот на претстојните локални избори.

Ќе останат ли социјалдемократите доследни на својата недоследност – секогаш кога се колнат во единство и внатрепартиска нирвана, од мрачните партиски одаи да се разбудат задреманите духови на личните политички амбиции на поединци? Нешто кое, како по некое непишано правило, секогаш се случува во зловреме за СДСМ – тогаш кога партијата се наоѓа пред изборен конгрес, или пак пред локални или парламентарни избори.

Неодамнешните најави на повеќемина скопски и охридски членови на партијата, за истакнување независни кандидатски листи за советници, повторно ја актуализираа темата за (долго)вечните функционери. Поточно, за нивната желба да бидат „вдомени“ на државни и добро платени „јасли“, секогаш кога партијата на која и’ припаѓаат е на власт.

Никој не е „венчан“ за функцијата, која исто како и власта, е минлива и менлива. Оттаму, несфатлива е логиката на одредени поранешни но и актуелни функционери… министри, нивни заменици, пратеници… дека ако бидат сменети или заминат од функцијата, партијата им борчи нов кабинет и удобна фотелја!? За таа цел „обесправените“ јавно креваат џева, пишуваат колумни и трактати, прикажувајќи се себеси како „жртви на системот“.

Други, пак, со ќутената и тивко, дремат во ходниците на „Бихаќка“ или му пишуваат и ѕвонат на лидерот, нудејќи му ја својата „стручност“. Не заради себеси, не заради исполнување на лични желби, ами „да и’ помогнат“ на партијата и државата. И, за жал, неретко ја остваруваат замислената цел. Бројни се примерите на „помагатели“ и „спасители“ на татковината, чии имиња 10, 15 па и 20 години ги среќаваме во првиот или вториот владин ешалон. Тоа се тие „евергрин“ политички фаци кои остареа во државните институции, но на кои влакното и на старост им свети.

Она што е факт, е дека во тридецениското опстојување, партијата имала двајца вистински лидери, Бранко Црвенковски и Зоран Заев, дијаметрално спротивни по карактер и начин на водење на партијата.

Бранко е партиска икона, чија харизма и денес лебди над илјадници приврзаници на социјалдемократската идеја и заколнати „комуњари“. Она што на Бранко секогаш му било камен околу вратот, била ароганцијата на неговото најтесно опкружување, од кое најголемиот дел доаѓало од скопското „крем друштво“. Тешко е, речиси илузорно да се поверува во враќање на политичката сцена на политичар кој во своето портфолио има запишано дека бил и претседател на државата, и премиер, и пратеник, и партиски лидер. Особено што не постои домашен политичар кој еднаш заминал, за да потоа направи успешен камбек. Секој кој се осмелил на такво нешто, не се издигнал повисоко од улогата на обичен политички маргиналец. А Бранко е се’, само тоа не. Бранко секогаш играл на се’ или ништо.

Затоа, прилично сум уверен дека пуштањето на пробниот балон „Бранко ќе формира нова партија“, повеќе е пуста желба на „евергрините“, со цел правење внатрепартиски пазар и резервирање место на кандидатските листи.

Заев, пак, е лидерот кој носел, а не морал, храбри одлуки, заради кои го заложил целиот свој личен и професионален авторитет. Одлуки заради кои бил ставан „на тапет“ од се’ вредно и од невредно. Заради кои е навредуван и омаловажуван од секој кој има пристап до социјалните медиуми, првенствено од универзалните „експерти“, чија душевна храна и врвно животно достигнување е фрлањето клевети и клетви во телевизиските контакни емисии, чиј идиотизам, патем речено, кантар не го мери.

Исто како што тоа деценија и кусур го правеше Грујо, и Заев можеше – да не прави ништо! Да го „ниша возот“ и да гради „Потемкинови села“, да ги корумпира медиумите и граѓаните и така, со години, безгрижно да владее. Меѓутоа, неговиот избор беше дијаметрално спротивен од кажаното – одбра да ги решава проблемите кои неговите претходници со децении ги држеа под тепих и со чие нерешавање, со врвна хипокризија и тежок популизам, направија политички кариери. А, богами, и пари.

Без разлика на сложените политички околности, верувам дека до крајот на неговата кариера нема да се случат никакви драстични промени во начинот на кој ги води партијата и државата. Факт е дека во 30-годишната самостојност на нашата држава, не постоел премиер кој владеел во потурбулентни услови. Дел од нив свесно ги иницираше самиот Заев, а дел, како пандемијата и бугарското вето за влез во ЕУ, дојдоа ненајавени.

Следните 6 месеци, до официјализирањето на конечните резултати од локалните избори, ќе бидат клучни за Заев и за СДСМ. Времето е премногу кратко за да си дозволи било какви грешки, ниту од политички аспект, уште помалку во кадровската политика. После неделниот 26 Конгрес, на располагање ќе има ист број на недели да покаже дека и покрај сите странични удари и направени грешки, поседува лидерски способности да ја зајакне и контролира партијата, да ги одбере вистинските кандидати со кои ќе победи на локалните избори. Во спротивно, работите ќе заминат во сосема спротивен правец. Како за него лично, така и за партијата, но и државата.

Изборот е стеснет – со штитот, или на него!

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …