Заев – Марфи: Македонија се движи во правилна насока на патот кон НАТО и ЕУ

Премиерот Зоран Заев се сретна со членот на Сенатот на САД, Крис Марфи и со американската делегација кои беа придружувани од амбасадорот Џес Бејли.

Како што соопшти владината прес служба, на средбата било констатирано дека Македонија се движи во правилна насока низ реформските процеси и низ чекорите на градење пријателства со соседите на патот кон НАТО и кон ЕУ.

Сенаторот од САД, Марфи ги охрабрил премиерот Заев и Владата да ги понесат позитивните промени за иднината на Македонија и истакнал дека САД остануваат нејзин искрен пријател.

Заев, во име на граѓаните на Македонија и на Владата, му се заблагодарил на сенаторот Марфи за целата поддршка и помош што ја добиваат од САД, во важните демократски процеси.

– Застанавме цврсто за концептот едно општество за сите, во што ја градиме Република Македонија. Се посветивме силно на реформите во државата и на конкретни исчекори во добрососедските односи. Водиме инклузивни политики на дијалог и разбирање. И очекуваме дека тоа ќе биде вреднувано и вратите на НАТО и ЕУ да се отворат за Република Македонија – рекол Заев.

Сенаторот Марфи и амбасадорот Бејли имаа средба и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на која според партиското соопштение станало збор „за продлабочување на меѓусебното пријателство и надградување со нови форми на соработка во насока на исполнување на стратешките интереси на државата, како и за актуелната општествено политичка ситуација“.

Мицкоски на Марфи и Бејли им посочил дека „во САД гледа пријателска држава која треба да ги поддржи напорите за членството во НАТО“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …