Заев: Можеме! Уште повеќе и уште подобро, за европска, социјална, еколошка и економски стабилна држава

Заев: Можеме! Уште повеќе и уште подобро, за европска, социјална, еколошка и економски стабилна држава

На 24.Конгрес на СДСМ, претседателот Зоран Заев ја претстави изборната програма „Можеме! Уште повеќе, уште подобро“, која се темели на пет столба: 100.000 нови работни места и раст на платите; Грижа за сите; Ред дисциплина и правда; Ние сме НАТО одиме кон ЕУ; и Сите за еко држава.

„Со мерките и политиките во Програмата градиме економски силна и стабилна земја. Праведна, правична и правна држава, членка на НАТО, земја која успешно преговара со Европската Унија. Зелена, еколошка, дигитализирана, иновативна држава која има што да им понуди на своите млади. Развиваме држава за достоен живот. Држава со пристојна живеачка за сите. Градиме систем во кој трудот на работниците се вреднува и плаќа. Плата од која останува и за живот. Сакаме држава во која младите остануваат и напредуваат. Држава која младите ги развива рамо до рамо со нивните врсници од Европа. Ако можевме за две и пол години да ја извадиме земјата од финансиски колапс и да обезбедиме највисок раст на платите до сега, сигурни сме дека во следниот мандат можеме уште повеќе и уште подобро“, порача претседателот Зоран Заев, презентирајќи ја програмата пред членовите на Конгресот.

„Нема да престанеме со заложбите за раст на платите во сите сектори, за сите граѓани. Минимална плата од 300 евра и просечна плата од 600 евра до крајот на мандатот – тоа е нашата понуда до граѓаните. Покажавме дека со СДСМ платите растат повеќе и побрзо. Но, знаеме, можеме и ќе обезбедиме да растат уште повеќе, за уште подобро за граѓаните. Пензиите ќе пораснат 21% и тоа 6% во 2021, 7% во 2022 и 8% во 2023 година. Минималната пензија ќе порасне од 8.000 на 10.700 денари.“- најави Заев.

До крајот на новиот мандат, социјалната помош која сега е поголема за 300%, ќе ја примаат 34.000 домаќинства како гарантирана минимална помош, а 65 000 деца ќе примаат детски додаток.

„До 2024 година, со предучилишно образование ќе опфатиме 60% од децата на возраст од 3 до 6 години. 10.000 деца ќе добијат современи услови за квалитетен раст и развој. Ќе ги ослободиме од плаќање партиципација за градинка сите деца од семејствата со ниски приходи. Градиме систем кој обезбедува надминување на пречките за лицата со попреченост. Додатоците за сите права за попреченост ги зголемуваме за 15% во 2021 година. Се обврзуваме, до 2024 година да нема да има ниту една јавна институција без пристапна рампа на својот влез. Во следниот мандат ќе изградиме 777 социјални станови, за да им помогнеме на најранливите семејства. Скопје добива нов клинички центар. Охрид, Тетово и Струмица добиваат модерни регионални здравствени центри. Ја прошируваме позитивната листа на лекови, лековите на рецепт достапни во секој дел од месецот, во секое населено место“, го престави Заев делот од програмата посветен на делот Грижа за сите.

Понатаму тој се осврна на столбот посветен на правосудството и најави ред, дисциплина и правда.

„Следува прочистување во правосудството. Судиите кои застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам. Започнува детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители. Ќе се врши темелна ревизија на 5% од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор. Ако за две и пол години донесовме правичност, ќе донесеме и правда и одговорност.“ увери претседателот на СДСМ пред делегатите.

Несомнено дека еден од најголемите успеси на Владата на СДСМ е членството на државата во НАТО што значи сигурна иднина и гарантиран брз економски развој затоа што Северна Македонија добива пристап до пазар од четири милијарди евра годишно.

„Членството во НАТО е влезна карта за ЕУ. Започнуваме преговори со ЕУ, ја европеизираме Северна Македонија и го трансформираме општеството на подобро. До крајот на мандатот, до 2024 ќе отвориме 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ. Од европски фондови обезбедуваме 2 милијарди евра за Северна Македонија“, истакна Заев.

А европските стандарди на живеење додаде Заев, подразбираат здрава и чиста животна средина и чист воздух за сите. Тоа е петтиот столб од Програмата – Еко држава.

„Затоа што е важно за нас, за нашите деца, за нашата иднина, затоа се ставаме во функција на обезбедување чист воздух и здрава животна средина. Следува строга контрола и високи казни за загадувачите. Комунална полиција во секоја општина и 24-часовен надзор врз инспекциските служби. Тројно повеќе еко инспектори. Тројно повисоки казни за фабриките кои немаат еко филтри. Двојно повисоки казни за граѓаните кои загадуваат. Помошта за нашите граѓани за современ и еколошки начин на загревање продолжува уште повеќе и уште подобро. 60.000 домаќинства ќе добијат бесплатен еко инвертер со цел забрана за употреба на фосилни горива. Обезбедуваме субвенции за приклучување на централно греење и за набавка на филтри на оџаците на домаќинствата. Гасот пристигнува до семејствата, а данокот за увоз на електрични и хидрогенски возила го укинуваме“, заклучи Заев.

Прочитајте повеќе

СДСМ: Уште колку пукања и убиства треба да се случат за Тошковски да си поднесе оставка?

СДСМ: Уште колку пукања и убиства треба да се случат за Тошковски да си поднесе оставка?

Соопштение за јавност на СДСМ Како на Див Запад, синоќа во Чаир се случи уште …