Заев на конференцијата на „Економист“: Добрата вест за отпочнување на преговори со ЕУ ќе влијае позитивно на цел регион

Претседателот на Владата Зоран Заев одржа поздравен говор на конференцијата Самит на Западен Балкан – “Зацврстување на моментумот за Европска интеграција”, во организација на угледниот магазин „Економист“.

Премиерот Заев, на конференцијата на која учествуваат голем број гости од земјата, регионот и светот, говореше на темата „Стабилност и раст во Југоисточна Европа – дали сме на вистинскиот пат?“.

Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија во целост:

Пред четири дена бев во Обединетите Нации да се обратам на најголемиот собир на светските лидери како Премиер на Република Северна Македонија. Бев сведок дека и мала држава како Република Северна Македонија може да носи порака на свежина, промена и надеж.

Да биде добра вест.

Денеска ја имам честа да бидам домаќин на препознаени борци за просперитет и стабилност во Jугоисточнa Eвропа, ЕУ и глобално. Луѓе кои своите животи ги посветиле да решаваат проблеми, да охрабруваат демократија и консензус во ЕУ парламентот, или луѓе кои поминале часови и часови со земји како Република Северна Македонија да ја зацврстат нивната порака, да им помогнат и поучат како да ја користат дипломатијата како алатка за да го подобрат животот на своите граѓани.

Денес стојам пред вас среќен што ги гледам сите овие лица во исчекување на добри вести!

И денес сакам да зборувам токму за важноста на добрите вести.

Очекување на добра вест нè држи во состојба на исчекување, доза на страв и воедно надеж.

Помислете колку е убав моментот кога ќе чуете добра вест. Како мало дете кога ќе слушне дека ќе оди на одмор со мама и тато. Кога студент ќе добие добри вести за испит. Кога брачен пар дознава дека очекува дете. Добрите вести се нова енергија и нов живот.

Во мандатот на оваа Влада имав чест да објавам повеќе добри вести. Една од најдобрите беше решавањето на спорот помеѓу Република Северна Македонија и Грција.

Секогаш ќе се сеќавам на 17 јуни во Преспа кога заедно со Алексис Ципрас кренавме раце како вистински партнери и пријатели кои им соопштуваат добри вести на своите држави.

Оваа година во февруари стапи на сила Договорот од Преспа, со што се реши 27 годишниот спор што го имавме со Грција. Билатералниот спор имаше сериозни негативни импликации, регионални и мултилатерални, и за жал стана познат во целиот свет како тежок нерешлив проблем.

Денес ги собираме плодовите од решениот спор. Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Сега имаме исклучително добри односи со Грција, и сериозно подобрена билатералната соработка. Со тоа придонесовме да зајакне регионалната стабилност и да се поттикне развојот на Западен Балкан.

Веруваме дека Договорот од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот. Тоа е корисен пример за многу други отворени прашања. Секој проблем е различен и специфичен, но дијалогот и дипломатијата остануваат најдобриот пристап во нивното решавање. Како лидери на своите земји им должиме на граѓаните да ги решаваме проблемите, да го одржуваме мирот, и да создадеме услови за развој и подобар живот за сите.

За да се постигне ваков договор потребни беа верба дека проблемите можат да се решат и јасна визија. Но, потребни беа и издржливост и упорност. Договорот имаше за цел да го надминеме минатото исполнето со недоверба и навистина да градиме заедничка иднина.

Успехот во вакви потфати не е загарантиран. Но, самиот факт што од двете страни беше покажана волја и истрајност во моменти кога имавме и различни видувања, како и желбата да не ги избегнуваме туку да се соочуваме со тешките прашања, за мене е индикатор дека овој договор ќе ја постигне крајната цел – силно партнерство помеѓу два соседски народи.

Дополнително, овој договор е катализатор на промени бидејќи сведочи за нов трансформативен процес на Балканот. А ако можете да имате трансформација, отворен ум и дух на овие простори, тогаш можете ваквиот пристап да го искористите и на многу други места во светот каде  има проблеми навидум невозможни за решавање.

За мојата земја, овој договор заедно со договорот за добрососедство со Бугарија ги отвори вратите кон постигнување на стратешките цели: членство во НАТО и ЕУ. Република Северна Македонија ја доби добрата вест дека ќе биде триесеттата членка на НАТО набргу.

Да бидам искрен, понекогаш бргу забораваме каде сме биле пред само две-три години а каде сме денес. Мојата политичка кариера е сведоштво дека морате да земете длабок здив и кога е најтешко, и да не заборавите дека во вашата визија се граѓаните кои живеат поквалитетно и посреќно само заради неколку храбри чекори кои сте спремни да ги преземете.

Драги гости,

Во неколку наврати изминатите две и пол години можев да соопштувам и добри економски вести. Самото решавање на политичките проблеми овозможи да зборуваме со ентузијазам и со бројки за подобрување на економијата.

Ние ја прогласивме 2019 за година на економијата за Република Северна Македонија, и истото ќе продолжи во 2020 година.

Уште во 2018 година видовме економски напредок, затоа што го достигнавме највисокото ниво на странски директни инвестиции во изминатите десет години – 624 милиони евра.

Индустриското производство во државата се зголеми за 8% откако оваа Влада стапи на власт, и продолжува да расте.

Успеавме да ја намалиме невработеноста и таа во моментов е на историски на 17.5% со индикација дека ќе оди надолу.

Растот на бруто-домашниот производ во првата половина од годината е 3,6% и очекуваме негово зголемување годинава.

Ова е Влада која се грижи за сограѓаните во незавидна положба, за ранливите и за оние на кои им е потребен ветар во грб и подадена рака. Се зголемија социјалните трансфери и се подобрува целокупниот систем на социјална грижа за секој да има шанса за напредок.

Оваа Влада исто така го гледа приватниот сектор за свој партнер. Бизнисот и приватниот сектор во оваа држава се малите и средни претпријатија, семејни бизниси, претприемачи кои низ овој долгогодишен и макотрпен транзициски процес за државата изградија брендови и продукти со кои се гордееме.

Почитувани дами и господа,

Денес овде преку еминентниот Економист сакаме низ светот да одекне добрата вест дека овој регион е сменет!

Овој регион нема повеќе да биде заглавен во конфликти и застанат во безидејна иднина!

Ерата на манипулативни националистички реторики е минато. Сите заедно грабиме кон посветла иднина.

Берлинскиот процес ја постигна целта да го зголеми интересот за Западен Балкан и да не стави на мапата на соработка на земјите-членки на ЕУ!

Спроведувањето на Агендата за конективност на Берлинскиот процес и повеќегодишниот акциски план за регионална економска зона има важна цел да го забрза развојот на регионот и да го подобри квалитетот на живот на нашите граѓани.

Регионот зборува активно за дигитализација, заеднички настап на европскиот и на глобалните пазари, царински олеснувања, заеднички гранични премини, заеднички фондови за иновации и акцелератори.

Да, навистина сме на вистинскиот пат штом овие теми за разлика од некои минати, доминираат на нашите агенди!

Овој регион станува пример дека со заедништво и со инвентивни решенија, во време на глобални кризи, можеме да ги претвориме кризите во можности!

Најпосле, денес овде сме и во исчекување на добрите вести за приближувањето на регионот кон ЕУ.

Особено сме задоволни што пред пет дена Германскиот Бундестаг гласаше во прилог на добивање на датум за отворање на преговорите за влез на Северна Македонија и Албанија во ЕУ во октомври. Ваквиот потег е препознавање на конкретниот прогрес што земјите го имаат направено, но воедно зборува и за кредибилитетот и посветеноста на ЕУ кон својата агенда за проширување.

Нашите соседи членки на ЕУ ја искористија можноста минатата недела додека бевме на Генералното Собрание на Обединетите Нации да ја искажат својата поддршка за отпочнување на преговори на Република Северна Македонија со ЕУ.

Уште еднаш. Помислете на овој момент. Малата земја од Балканот стои исправено и гордо пред членките на Обединетите Нации бидејќи ја знае и чувствува целосната поддршка на своите соседи, кои јасно и гласно ја изразуваат.

Дали сме на вистински пат?

Верувам дека добрата вест за отпочнување на преговори со ЕУ ќе влијае позитивно на цел регион. Ќе биде испратена порака дека  Западниот Балкан е интегрален дел од Европа. Ќе биде препознаен напредокот на реформите и вложувањето во решавање на горливи проблеми. Ќе ги охрабри земјите да покажат политичка храброст за надминување на нивните проблеми.

Стабилен Балкански регион е од интерес за ЕУ, особено геополитички, економски и безбедносно. Поблиската соработка со земјите членки на ЕУ помага за соочување со предизвиците што се клучни за ЕУ агендата како што се климатските промени, енергетиката, животната средина, безбедноста и миграциите.

Добрата вест за Република Северна Македонија, ќе биде добра вест и за ЕУ затоа што ние носиме ентузијазам за важната улога што ја игра ЕУ како глобален актер и ја потсетуваме ЕУ на своите изворни вредности за партнерство, солидарност и заеднички просперитет.

Драги гости,

Денес овде ќе зборуваме за предизвици и можности. Но сакам сите да ве повикам да помислите која е добрата вест која вие сакате да ја пренесете од вашата позиција на лидери.

Граѓаните очекуваат, па ајде да дадеме сè од себе за да слушаат се почесто добри вести!

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …