Денес пред платото на Македонска Опера и Балет во Скопје, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев присуствуваше на отпочнувањето на кампањата на Канцеларијата на Европската Унија „Замисли иднина заедно“, со која ги промовираат придобивките од членството во унијата.

По кратката средба со амбасадорот Жбогар и генералниот директор на Директоратот за соседска политика и проширување со ЕУ, Даниелсон, премиерот Заев имаше и свое обраќање на настанот, во кое истакна:

„Ова не е прва кампања. Ова не е ниту последна. Оваа е само една од низата кампањи со кои нашите европски пријатели и партнери нè потсетуваат дека имаме заедничка сегашност која ja градиме веќе две децении на патот до нашето полноправно членство во Унијата и дека пред нас стои иднината, заедничката иднина, во која нашата земја ќе биде земја партнер, земја која ќе придонесува за заедницата на европските народи и земја која ќе има еднаков пристап до сите придобивки од членството во ЕУ.

Република Македонија го направи изборот. Избра иднина, наместо неизвесна и бесмислена изолација. За прв пат во својата историја, Република Македонија седна на масата како рамноправен партнер, со медијаторство на Обединетите нации, за да ја разговара, да преговара и да одлучи за својата иднина.

Тоа до сега никогаш не се случило. За нејзината иднина се одлучувало без нејзино присуство. Ние рековме – не. За нас, за нашата иднина ќе разговарате со нас!!! Тоа го прават само потврдени и докажани државотворни народи и политички елити. И светот го препозна тоа. Ни оддаде признанија. Нè препознаа како рамноправен партнер, како фактор во регионот, во Европа и во светот. Наспроти заканите, покажавме храброст, достоинство и политички став. Признанијата дојдоа и како датум за преговори со Европската Унија, и како покана за завршниот процес за пристапување кон полноправното членство во НАТО.

Граѓаните на нашата земја го направија изборот и тие се горди на својот избор. Ја избравме иднината. Иднината на Европската Унија – Избор што му припаѓа на секој европски граѓанин.

Ние, граѓаните на Република Македонија ја избравме Европска Македонија и Европската Унија зашто се изградени на вредностите во кои веруваме и ги практикуваме и ние.

Европската Унија е концепт кој е заснован на заедничките основни верувања и убедувања за слободата, за демократијата и човековите права, за пазарна економија, како и за остварување на фер економски можности врз темелите на солидарноста.

Затоа ја сакаме и ја замислуваме ИДНИНАТА ЗАЕДНО – Замислуваме, ја посакуваме, работиме за неа и веќе СМЕ ЗАЕДНО. Ќе ми дозволите само накусо да ве потсетам:

Ако се земе тоталниот буџет од 1,28 милијарди долари само за Република Македонија, како фонд за предпристапниот период 2007-2020 година, вкупната годишна EУ помош за Македонија изнесува 90 милиони евра. Тоа се 260.000 евра дневно.

15,5 милиони евра годишно влегуваат за Македонија преку ЕУ програмата за транспорт. Тоа се фондови со кои се градат патишта, мостови, железници, тунели и друга инфраструктура.

Граѓаните на Европската Унија издвојуваат 8.5 милиони евра европски пари за заштита на границите на Македонија во 2018 година. За нашата безбедност.

15 милиони евра европски пари се планираат за земјоделството во Македонија за 2019та година.

18 милиони евра во 2020та година за реформи во правосудството и во полицијата во Македонија

Тоа е само дел од европските фондови за подобар живот во Македонија. Тоа е поддршката на нашите пријатели.

Уште еден голем чекор и неколку домашни работни задачи ни остануваат за да станеме полноправни членови на семејството на кое му припаѓаме бидејќи ги делиме истите вредности.

На претстојниот референдум ќе го направиме последниот чекор за да ја завршиме изградбата на нашата држава според ЕВРОПСКИ ПРАВИЛА.

Со отворањето на преговорите со ЕУ и со исполнувањето на домашните обврски и реформи создаваме функционална држава во која владеат редот и законот и во која институциите се сервис на граѓаните, отворени и отчетни.

Референдумот е последниот чекор за да ја завршиме оваа трансформација. Со наша силна политичка волја, и со поддршка на Европската Унија ќе обезбедиме независно судство, слободни медиуми, професионална јавна администрација, подобро и подостапно здравство, поквалитетно образование и беспоштедна борба против корупцијата.“

Исто така, премиерот Заев се обрати директно до граѓаните на Република Македонија и порача:

„Од денеска натаму, до 30 септември посакувам да нè обединува мудроста за најдобар избор. Тој избор да го направиме со љубов за нашата земја, за нејзината иднина која ја замисливме заедно со нашите пријатели од Европската Унија.

Граѓаните на Република Македонија, на оваа земја го можат тоа зашто веруваат, имаат верба, дека таа иднина е исполнета со вредностите што ги споделуваат сите Европјани.

Да го направиме последниот чекор заедно – надежта да ја претвориме во реалност, на иднината што ја замислуваме заедно да ѝ дадеме шанса да биде наша стварност.“

На крајот во своето обраќање, премиерот Заев се заблагодари на Европската Унија и целиот персонал од Делегацијата за посветеноста што несебично ја издвојуваат за Република Македонија и заклучи: „Одиме напред, да ја замислиме и создадеме нашата иднина заедно!“

По завршување на настанот, премиерот Заев одговараше на новинарски прашања во изјава за медиумите и на прашањето како се планира да се води референдумската кампања тој одговори:

„Ова ќе биде едукативна кампања, мобилизирачка кампања, каде што граѓаните ќе излезат многу слободно, растоварено и ќе одлучат за својата европска иднина. Јас сум убеден, дека во вакви околности, навистина би требало да биде задоволство учеството во кампањата. И од едната страна, ние кои што ќе ја промовираме иднината и од другата страна, како граѓани кои што ќе гласаме за таа иднина.

Во едни такви околности, прво, медиумскиот простор ќе биде платен, од парите коишто Владата ги релоцираше на Парламентот, којшто ја покренува постапката за референдумот и го носи правото.

И уште еднаш овде да расчистиме. Овие пари се поделени по мандати, не се поделени по пратеници. Согласно добиените мандати и нивната определба за „За“ или за „Против“, така ќе бидат и закупени медиумските простори. Сто проценти од тие пари одат во медиумите. Од тука, тоа покажува дека, прво, огромен процент од граѓаните се „За“. Впрочем и тие што се „Против“ се мала, минорна бројка. Тоа го знаеме и тоа е дел од таа кампања која што постои во Македонија, предводена од „Бојкотирам“.

Јас, се надевам, дека и опозицијата ќе биде навистина позитивна, заради тоа што и опозицијата е за Европската унија и за НАТО. Јас, ги знам и ги разбирам нивните несогласувања со Договорот со Грција, но истовремено уште еднаш уверувам дека ако оставевме на времето, никој не гарантира дека ќе постигнеме подобар Договор. А Договорот е фер и праведен. Договорот ја гарантира таа наша, европска иднина. Уште еднаш, го потврдува нашиот идентитет, нашиот македонски јазик, нашата химна, знаме, грб. Сето она што се наши атрибути, како земја, како држава, како народ, со сета наша мултиетничност и различност. Убеден сум, дека бројките ќе растат. Мојата амбиција, не е да постигнам резултат каде што повеќе од граѓаните ќе бидат за „За“. Тоа, веќе е постигнато. Тоа, е  јасно во Македонија. Нема друга алтернатива, освен полноправното членство во НАТО и ЕУ и градењето пријателство со соседите. Но нашата амбиција ќе биде цензусот, односно излезноста на повеќе од 50 проценти на граѓаните, од вкупниот број на гласачи. А тоа, согласно постојниот Избирачки список е 903.000 гласови, на граѓани кои што треба најмалку да излезат на Референдумот, за да имаме донесена одлука согласно Уставот, како што е пропишано.“