Заев на регионалната конференција „Еден Балкан кон ЕУ“: Државата ја вративме на правиот пат и тоа светот го препозна

Заев на регионалната конференција „Еден Балкан кон ЕУ“: Државата ја вративме на правиот пат и тоа светот го препозна

„Доделувањето на датум за преговори што е можно поскоро, за нас ќе направи огромна разлика. Имаме целосна доверба дека лидерите на земјите членки ќе смогнат сили, ќе преземат одговорност и ќе ни дадат јасна европска перспектива,  со што ќе ја вратат довербата во евроинтеграцискиот процес“, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев на завршната конференција од политичката академија на Прогрес институт за социјална демократија, на која присуствуваа и европратениците Тања Фајон, Илхан Кјучук и Тонино Пицула.

Во своето обраќање, Заев посочи дека Европската комисија е мотивирана да ја поправи историската грешка кон Северна Македонија и затоа пред неколку дена го објави предлогот на новата методологија за пристапување на земјите од Западен Балкан, како суштински чекор во приближување на нашата земја до европското семејство.

„Ние го поздравуваме и веруваме дека предлогот значително ќе го подобри процесот на пристапување и ќе ја врати довербата и на лидерите на земјите од Западен Балкан и на лидерите на земјите членки на Европската унија, во мериторноста на истиот. Сепак, морам да нагласам дека за нас тајмингот е клучен“, истакна Заев.

Претседателот на СДСМ се осврна на големите постигнувања за неполн мандат од три години, во кој од киднапирана земја длабоко потоната во внатрешна политичка криза и меѓународна изолација, се изгради земја со европска иднина, земја која развива пријателски односи со своите соседи и создава услови за стабилна, демократска, економски силна и просперитетна држава.

„Вложивме натчовечки напори и успеавме да ја вратиме земјата на прав пат, на патот кон Европската Унија и НАТО и светот тоа го препозна. Горд сум што ја искористивме уникатната можност која се отвори пред нас и ги надоместивме 11-те изгубени години“, нагласи Заев оддавајќи признание и на европските партнери и пријатели кои континуирано даваат поддршка на евроатланскиот пат.

Заев потсети дека во изминатиот период, нашата земја беше препознаена како мотор на развој на регионалната соработка преку затворањето на сензитивни прашања со соседите, а успехот на Северна Македонија е сместен во 20 најголеми достигнувања на Европската комисија во текот на петгодишниот мандат.

Осврнувајќи се на младите учесници на политичката академија, Заев им порача дека тие се идните водачи во регионот, кои во иднина ќе соработуваат со заедничка агенда – еден Балкан кон Европската унија. Тој изрази увереност дека лидерите на земјите од Западен Балкан прават напори да докажат дека сите постигнати резултати на тој пат се одржливи и неповратни, затоа што за сите нас, нема друга алтернатива, но и дека постои доволно внатрешна волја и сила за понатамошни реформи.

„Ќе ви докажеме дека навистина работиме на тоа и ќе успееме да ја донесеме Европа дома!“, поентираше Заев во своето обраќање.

Прочитајте повеќе

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Нафтените деривати од вечерва со нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги …