Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше и се обрати на свечената академија по повод 12 години од основањето на Универзитетот „Гоце Делчев“, што се одржа во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.
Пред свето обраќање кон присутните студенти, академици, ректори, проректори, декани, професори од другите приватни и државни универзитети, претставници на државни институции и граѓанскиот сектор, премиерот Заев ги разгледа штандовите на факултетите на УГД Штип, поставени пред Центарот за култура, заедно со ректорот, проф. Д-р Блажо Боев и градоначалникот на Општина Штип, г. Благој Бочварски.
Во своето обраќање, премиерот Заев ги истакна определбата и заложбите на Владата не Република Северна Македонија за јакнење на квалитетот и подобрување на материјалната поддршка на високото образование и науката.
Во продолжение, ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев:
„Посебно е чувството да се биде на ова место и да се прослави денот 27 март, кога во 2007 година е донесена одлуката за основање на државниот Универзитет „Гоце Делчев“.
Од повеќе причини, од кои најважната е дека со оваа свечена академија му оддаваме почит на знаењето што е собрано на овој Универзитет и кое секоја година се пренесува на нова генерација запишани студенти.
Другата, емотивната причина што сакам тука да ја нагласам е што универзитетот во Штип не само што го носи името на Гоце Делчев, туку и што ректоратот на оваа високообразовна институција е во зградата каде што своевремено учителствуваше токму Гоце Делчев, апостолот на нашето национално движење.
Тоа е посебна чест и инспирација за академската заедница и студентите на универзитетот, како и за граѓаните на Штип и целиот овој источен наш регион.
Она што е интересно е што и тогаш, како и денес зборуваме за време на динамични промени.
Токму тие, брзи – а понекогаш и изненадувачки промени што се случуваат во светот, ја нагласуваат важноста на висококвалитетното високо образование во нашата земја. Tоа по ништо не се разликува и од улогата на универзитетите во целиот свет.
Во услови на постојани и динамични промени, од универзитетите се очекува да бидат активни, креативни, отворени, непристрасни и да ја преземаат улогата на вистински пионери за разбирање и создавање на знаење и вештини за генерациите што доаѓаат и што треба да го заземат своето место во светот на интензивни промени и во општества засновани на знаење.
На тој начин, автентичните универзитети го остваруваат нивниот придонес во она што значи јавен интерес, а продукцијата на знаење и вештини што студентите и општеството го добиваат од овие врутоци на знаење е – јавното добро.
Во современа смисла на концептот за универзитетите во општества засновани на знаење, знаењето, се разбира, е многу повеќе од акумулација на факти.
Во таа насока знаењето е секогаш рака под рака со способноста да се промислува и анализира, да се собираат нови информации соодветни на конкретни прашања, да се утврди колку се сигурни изворите на знаењето и потоа тоа знаење да се комуницира ефикасно со оние кои од него ќе ги добијат неопходните придобивки.
Оттаму произлегува и важноста да се покаже соодветен одговор и на барањата на бизнис заедницата кога се нагласува важноста на образовните стратегии да ги препознаат потребите од различни перспективи.
Затоа денес знаењето е отворено и затоа дипломираните студенти учат и во текот дури и на нивните работни кариери.
Успехот во кариерата зависи од креативната адаптација на променливите услови и од стекнатите знаења. Ова упатува на тоа дека студентите за време на универзитетското образование се стекнале со вештина да размислуваат критички и ефективно и да ги изразат своите мисли, соодветно на духот на времето во кое што живееме и опстојуваме.
Во таа насока, почетокот на универзитетските студии, во извесна смисла, за сите нови студенти е патување низ светот на знаењата. Почнуваат да учат нови работи, да ги отвораат умовите за нови идеи, да стануваат независни и да се развиваат како личности.
Се отвораат нови хоризонти, студентите откриваат нови области и информации, а образованието достигнува нови длабочини.
Не е занемарлив ниту фактот дека тоа патување може и треба да биде и забавно. И тоа е дел од животот на универзитетот.
На универзитетските кампуси се создаваат нови пријателства. Некои од нив остануваат трајни. Се нудат можности за вклучување во различни активности. Само на Универзитетот „Гоце Делчев“ во изминатите 12 години студирале нешто повеќе од 30 илјади студенти.
Студентските години може да бидат најдобрите времиња од животот кога стекнатото знаење и вештини се поврзани со нови пријателства и со спомени на кои со задоволство се навраќаме низ целиот наш живот.
Кога нашите студенти дипломираат, освен со лични придобивки, тие стануваат и архитекти на иднината, претходници на промените за добро на заедницата.
На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, се едуцираат студенти за да учествуваат во промените на нашата земја и светот во општо. За промени на подобро, за промени подобри за сите нас.
Иако зборуваме за сообразување на универзитетите со динамичните општествени промени во земјата и во светот, она што е константа е Автономниот статус на универзитетите и слободата на истражување како клучни принципи кои мора да се поддржуваат.
Високата доверба во подготвеноста и способноста на универзитетите да постигнат најдобри можни истражувања и образовни програми соодветни на времето, е очекувано и многу важно.
Во таа насока, Владата на Република Северна Македонија останува на определбите за јакнење на квалитетот на високото образование преку дополнително подобрување на акредитацијата и евалуацијата на високото образование, како и со заложбите за подобрување на материјалната поддршка на високото образование и науката.
Како една од клучните насоки за сообразеност на универзитетското образование е внимателното слушање на пулсот на промените за развивање на соработката помеѓу институциите за високо образование, приватниот сектор и релевантните јавни институции.
Посебно место има охрабрувањето на вмрежувањето со странските универзитети за трансфер на знаења, особено во делот на европскиот образовен и научен простор.
Живееме во време кога знаењата се исклучително важни за нашите општества и економии, во свет на брзорастечки капитал и во ера на револуционерни комуникациски технологии, сериозен технолошки развој, но и време на четвртата индустриска револуција.
Знаењето сѐ почесто ги заменува другите ресурси како главен двигател на економскиот раст, а образованието станува основа за индивидуален просперитет и социјална мобилност.
Оттаму, со овие констатации за универзитетот како средишен центар на знаењето и на вештините за управување со знаењето, ви ја честитам годишнината и ви посакувам на сите, на професорите и на студентите, и на сите вработени во Универзитетот „Гоце Делчев“ успешни идни години како академска средина која секогаш ќе се стреми да ги проширува академските хоризонти.