Заев не е светец, но...

Заев не е светец, но…

Пишува: Зоран Милошески

Како наближува октомври, хистеријата кај врхушката на ДПМНЕ станува сѐ повидлива. Мицкоски и пајташите прават сѐ што знаат и умеат да го оневозможат добивањето датум за почеток на преговорите за влез на Македонија во ЕУ и по секоја цена го опструираат носењето на најавениот Закон за јавно обвинителство, во пакет со решавање на статусот на СЈО. На друштвото од „белата палата“ му е јасно дека доколку тоа се случи, ќе значи ставање точка на нивните политички кариери и разрешница на судските случаи против злосторничкото здружување.

Наменската употреба на случајот „Рекет“ и неговото држење во центарот на вниманието, е само една од алатките со кои опозициската партија “пука“ кон двете цели. Нишанат во Катица, стрелаат во СЈО и Заев. СЈО, макар и вакво разнишано и со нарушен легитимитет, е тој Рубикон кој по ниедна цена не смее да се премине. Оти во прашање е кожата на унгарскиот бегалец, во чии раце неговиот формален наследник, а всушност чувар на партиската фотелја, е обична марионета.

А колку за „Рекет“… Во ситуација кога во хациендата на Камчев видео надзор има и во тоалетите, треба да се биде малоумен да се верува во спонтаноста на снимката, односно во рекетирањето на „чесниот и невин“ Орце. Клопчето за монтировката за скоро ќе почне да се одмотува. Иако сценаристот и режисерот треба да се бараат на релација Скопје-Белград-Будимпешта, јасно е дека случајот ќе отвори многу други случаи. И треба да отвори. Поранешни и актуелни политичари, бизнисмени, судии, обвинители, новинари… идентитетот на оние кои ловеле во матно треба да биде обелоденет, а сите тие изнесени пред лицето на правдата и осудени.

Заев не е светец, уште помалку е безгрешен. Како што, впрочем, не е никој од нас. Но, ставањето равенство помеѓу него и клептоманот и мизантроп Груевски, е неиздржано и бесмислено. Оти тие двајца се различни по секоја основа: како црно и бело, како исток и запад, како двете страни на медалот. Заев во моментов ја плаќа цената на преголемата доверба кон луѓето од неговото поблиско, но и подалечно опкружување. Негова е вината за ситуацијата во која се најде, бидејќи од поодамна и самиот имаше индиции и информации за злоупотреба на неговата искреност, отвореност и непосредност. И тоа како од страна на високи партиски функционери, така и од прилично анонимни партиски членови, кои одговорите на СМС пораките ги шетаа низ чаршијата со цел да ја докажат „блискоста“ со лидерот, а неговото име го споменуваа секаде каде можеа да стекнат лична корист од најразличен карактер.

Меѓутоа, оние кои Заев го потценија и кои се дрзнаа да му зададат ниски удари, сметајќи дека премиерот и лидер на СДСМ е на колена и дека е прашање на денот кога тој ќе замине од двете функции, многу се излажале!

Познавајќи го, прилично сум сигурен дека “душегрижниците“ ќе причекаат на неговото абдицирање. Иако разочарувањата и ударите пристигнуваат од повеќе страни, Зоран Заев не е човек кој ќе го спушти гардот и кој мечот ќе го предаде лесно и без борба. Иако најавената „метла“ не се случи во обем кој беше неопходен, впечатоците од новиот начин на партиско функционирање кое го наметнаа организациониот и, пред сѐ, генералниот секретар на партијата, кажуваат дека добар дел од грешките се евидентирани и дека активно се работи на нивно елиминирање. Се разбира, тоа ни оддалеку не е доволно за фаќање на вистинскиот правец, заради што ќе биде потребно дополнително темелно чистење на сопствениот двор. Тој процес ќе мора да се одвива итно и паралелно со неселективното расчистување на криминалот на секое ниво, од причина што Заев повеќе го нема “луксузот“ за правење нови грешки и неефективно трошење на времето.

Во ситуација кога на една поголема група во ДПМНЕ ѝ се брза час поскоро да се врати на власт, Мицкоски и екипата околу него нема да бираат средства како да стигнат до целта. Она што во никој случај не треба да се занемари, е фактот дека за креирање на замисленото сценарио, груевци нема да штедат пари за купување и корумпирање домашни и странски медиуми, квазиполитичари и белосветски пробисвети.

Зарем толку бргу ги заборавивме “филмовите“ со Субрата Рој, каубојците кои во источниот дел на државата ќе отвораа фарми со 20.000 крави, лажните бизнисмени кои македонските рудари ќе ги хранеа во „Мекдоналдс“ ресторани..? Нивните имиња беа дел од долгата листа на хохштаплери нотирани во тефтерчињата на фамилијата, кои на арамиската дружина ѝ служеа во дневнополитички цели.

Покрај проверените шеми, ДПМНЕ засилено работи на континуирано продуцирање лажни вести и придобивање на своја страна на алчните ситни души, кои за добар кеш и функција би се одрекле и од сопствените деца. Ако на тоа се додадат и „независните“ новинарско-партиски вртелешки на кои менувањето страни и идеологии им е хоби, а чија цена за најбогатата партија во Европа е вистински ситниш во однос на украдените пари во еднодецениското владеење, тука се заокружува сиот арсенал со кој проширеното ем надградено злосторничко здружување ќе ја напаѓа власта.

Но и покрај сѐ, Заев и натаму е најмоќната политичка фигура во Република Северна Македонија. И натаму тој ги дели картите, а кај него е и кубурот. Е па друже Заев ако е веќе така, а така е, тогаш…

Прочитајте повеќе

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

Соопштение за јавност на СДСМ Ништо не е променето во ДПМНЕ. На митинзите на ДПМНЕ …