Заев: Недозволиви се закани, омаловажувања и сеење страв пред домовите на пратениците

Премиерот Зоран Заев смета дека со протестите што се организираат пред домовите на пратениците се вршат неколку кривични дела и тој лично ќе ги заштити нивните деца, врз кои демонстрантите сеат страв и терор. Заев ова го изјави пред Основниот суд Скопје 1, по одржувањето на денешното рочиште за случајот „Поткуп“.

– Протестите се уставно право, дозволиво е протестирање на граѓаните и тоа е нешто што треба да се ползува. Сепак, она што се прави пред домовите и пред дечињата на пратениците, пред членовите на нивните семејства и родители е апсолутно недозволиво, зашто е кршење на приватноста на домот, се упатуваат директни закани, омаловажување и целосно сеење страв и трепет кај дечињата. Јас лично ќе ги заштитам дечињата на пратениците – рече Заев и посочи дека Министерството за внатрешни работи презема дејствија.

Во врска со преговорите за името, Заев е оптимист и верува во решение до летото.

– Верувам дека е можно да се најде решение и оптимист сум ако притоа водиме сметка за достоинството и за идентитетот. Мене ми е важно како тоа ќе го прими грчката јавност и дали ќе биде прифатливо  низ нивните институции. Верувам дека и на грчките политичари и на премиерот Ципрас треба да им биде важно како тоа ќе биде прифатено овде од граѓаните на Македонија, но и како ќе помине низ институциите на системот – изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој вели дека ги информира претседателот на државата и опозицијата за текот на преговорите кога смета дека има потреба за тоа.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …