Заев од Давос: Ги мотивираме компаниите да инвестираат, ги отвораме економските врати за нашата земја

Денес, претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори Кочо Анѓушев и од министерот за економија Крешник Бектеши, учествуваше на панел дискусии и оствари бројни средби во рамките на работната политичка и економска агенда, за време на неговото учество на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија. Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Заев после завршување на првиот работен ден во Давос во целост:

„Почитувани граѓани,

Пред точно една година, овде во Давос, со премиерот на Република Грција, господинот Алексис Ципрас, за првпат направивме средба и ја отворивме иднината за нашата земја. Постигнавме договор за иднината на Македонија. За сегашните и идните генерации ги отворивме портите за надежна и перспективна иднина на нашите граѓани.

Еве сега, после една година сум овде со потпретседателот за економски прашања на Владата на Република Македонија, господинот Кочо Анѓушев, и со министерот за економија, господинот Крешник Бектеши, влезени комплетно и целосно во економска агенда. Овде, оваа година ги отвораме економските врати за перспективната иднина на нашата земја, Република Македонија.

Јас верувам дека оваа можност која ни се дава како покана по втор пат да бидеме овде присутни, овде во Давос, потврдува дека Македонија е дел од глобалниот демократски свет и дел од сите планови на економиите коишто светот ги развива и ги планира во периодот којшто доаѓа пред нас.

Ја користиме токму оваа прилика да ги оствариме состаноците коишто се вредни за Македонија и коишто треба да донесат бенефит преку инвестициите. Зборуваме на состаноци и со Гугл, и со Циско, и со Филипс, и со Сан Груп од Индија, и со многу други компании од автомобилската индустрија, од техничките индустрии, коишто имаат интерес во целиот овој наш регион, па и во нашата земја Република Македонија.

Се сретнавме со претставници на компании од Западна Европа, од Југоисточна Европа, но и од Блискиот Исток. Се надеваме на средби дури и со компании од Кина, од Кореја, од Јапонија, од Америка.

Целата наша задача е да ги мотивираме колку што може повеќе компании да имаат фокус кон Македонија. Сега и амбиентот е поинаков, сите знаат дека Македонија е безбедна и стабилна земја, идна или следна членка на НАТО Алијансата, земја со перспективи кои што очекуваат да отворат поглавја со Европската Унија. Сето тоа ги овозможува разговорите многу по надежни, многу по перспективни и навистина имам право да кажам дека сето ова кое што од овде го имам како впечаток дефинитивно носи убава економска иднина за нашата Македонија и за сите нејзини граѓани.“

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …