Заев од НАТО: Република Северна Македонија е подготвена да ги прифати обврските и одговорностите кои ќе ги донесе полноправното членство

Заев од НАТО: Република Северна Македонија е подготвена да ги прифати обврските и одговорностите кои ќе ги донесе полноправното членство

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска во седиштето на НАТО, во Брисел се сретна со Генералниот Секретар Јенс Столтенберг. По средбата Премиерот Заев и секретарот Столтенберг одржаа заедничка прес-конференција.

Истакнувајќи дека ова е негова прва посета на НАТО по потпишувањето на Протоколот за пристапување Република Северна Македонија во Алијансата, Премиерот Заев потенцираше дека земјата постигна една од стратешките цели, секако со поддршка со партнерите и пријателите во НАТО.

Во продолжение Ви го пренесуваме текстот на изјавата на Премиерот Заев на прес-конференцијата со Генералниот Секретар на НАТО, Столтенберг.

„Генералниот Секретар Јенс Столтенберг има посебно место со довербата и охрабрувањето што ни ги пружаше за време на целиот тој процес.

Во нашата земја многу генерации напорно работеа на остварувањето на оваа наша историска цел и достигнување. Нашите аспирации за членство во НАТО секогаш имале висок степен на одобрување и поддршка од најширокиот спектар на нашето општество.

Така е и денес.

Сакам да напоменам дека ние знаеме дека членството во НАТО отвора нова и сигурна безбедносна перспектива за наша земја.

Истовремено, целосно сме подготвени да ги прифатиме и новите обврски и одговорности кои произлегуваат од нашиот статус наскоро како полноправна членка.

Како идна членка на НАТО, правиме сериозни чекори за зајакнување на капацитетите на нашата армија. Во 2018 година го зголемивме буџетот на нашите одбранбени сили  за 14%, и остануваме посветени да ја оствариме нашата цел и најдоцна до 2024 година да обезбедиме 2% од нашиот БДП да оди за современи армиски сили кои во секој поглед ќе бидат рамноправни со своите сојузници во НАТО.

Оваа наша цел ќе ни помогне да го зголемиме нашето учество во мисиите предводени од НАТО, како и нашата партиципација во командните и политичките структури на алијансата.

Тоа е приоритет за нас, кога стануваме полноправна членка на Алијансата.

Подготвени сме да продолжиме да соработуваме со сите НАТО сојузници за да го преземеме нашиот дел од заедничките обврски и одговорности, како 30-тата земја-членка, за да обезбедиме свој придонес за понатамошно обликување на Западен Балкан во мирен, просперитетен и демократски регион.

Убедени сме дека нашето членство во НАТО дополнително ќе придонесе за стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа и ќе биде инструмент за креирањето на нова, позитивна слика за регионот.

Процесите што ги поминавме не беа лесни, но беа исклучително важни за иднината на нашата земја. Договорите склучени со нашите соседи Бугарија и Грција се непобитен доказ за нашата зрелост.

Тие договори се темелите за идниот развој на силното партнерство што го започнавме и што биде од придонес за понатамошно зачувување и зајакнување на регионалната безбедност и стабилност.

Ние сме подготвени да ги поддржиме сите земји од нашето соседство во исполнувањето на овие стратешки цели од интерес на граѓаните од регионот кои делат заеднички вредности: посветеност на демократијата, слободата, слободна пазарна економија, почитувањето на човековите права и владеењето на правото.

Република Северна Македонија ќе продолжи да биде сигурен сојузник во заштитата на овие  вредностите.

Нашиот позитивен придонес за нашиот регион и за пошироките интереси на НАТО, како нова 30-та земја-членка, ќе биде видлив и сигурен“.

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …