Претседателот на СДСМ, Зоран Заев попладнево оствари работна посета на Регионалната канцеларија на Стопанската комора за Прилеп, при што оствари средба со прилепските стопанственици.

Во изјавата за медиумите, Заев рече дека целта на посетата е таа што Прилеп е град на многу успешни компании, препознатливи на домашниот и странскиот пазар, кои им даваат пример на другите компании но и на државата, како подобро да се функционира. СДСМ, како што истакна нејзиниот претседател, одржува консултации со економските чинители, пред се’ со приватниот сектор, со кој во досегашниот период партијата и Владата имале успешна соработка.

Сепак, главната причина за средбата со прилепските стопанственици е отворање на прашањето за идејното решение за автопатското решение на делницата Велес-Прилеп-Битола, тема која што, како што рече Заев, денеска за прв пат се отвора.

„Се работи за проект вреден над 600 милиони евра. Имајќи во предвид дека источниот дел од државата автопатски е решен, западниот дел се решава со изградбата на автопатот Кичево-Охрид кој ќе се прошири со делот Кичево-Гостивар, останува да се реши централниот дел, кој не е важен само за Прилеп, туку и за Скопје, Велес, Битола, Ресен и за Охрид. Мене како струмичанец, ми требаат 3.5 часови да стигнам до Охрид, а со ваквото решение времето ќе се намали на помалку од 2 часа. Односно за мене, зборувам како струмичанец, поблиску ми е да стигнам до Егејското море, до Солун за час и половина, или за 4.5 часови до Црното море. Ги кажувам овие споредби за да знаат граѓаните колку се важни ваквите магистрали, коишто мора да ги направиме. Државата е со сериозен финансиски капацитет, веруваме дека со изградба на инфраструктурата создаваме дополнителна мотивација за поголема компетитивност, за поголеми вложувања на компаниите. Членството во НАТО и очекувањето на датумот за преговори со ЕУ, ги донесоа првите економски бенефити во државата. Во 2019 година имавме раст на севкупните приходи во државниот буџет за преку 7% и овие проценти растат, благодарение на исплаќањето на сите давачки кон државата, на исплата на платите, со што пак растат придонесите во фондовите за пензиско и здравствено осигурување. Тоа значи дека имаме нормална земја и во очекување на средствата од ЕУ за помош на нашата економија, можеме да ги забрзаме сите наши економски активности и постигнување на крајната цел – повисок стандард на нашите граѓани“, потенцираше претседателот на СДСМ Зоран Заев, за време на посетата на Регионалната канцеларија на Стопанската комора за Прилеп.

Покрај Заев, во делегацијата беше и членот на ЦО на СДСМ, Кирил Колемишевски кој е и актуелен заменик министер за економија, потоа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски, како и претседателот на Општинската организација на СДСМ од Прилеп и прв човек на општинскиот Совет, Миле Талевски.