Заев: Одиме напред, Македонија влегува во НАТО и чекори кон ЕУ!

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во придружба на владината делегација со Заменик Претседателот на Владата и Министерка за одбрана Радмила Шекеринска, Заменик претседателот во владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и Министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, и Советникот за безбедносни прашања Зоран Верушевски, денеска одржа прес конференција за медиумите што известуваа од Самитот на шефови на држави и влади на НАТО.

Во прилог на ова соопштение, ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Заев во целост:

Во овој момент, Ве поканувам сите Вас, секој од Вас – свртете се кон тој или таа што ви се најблиску во овој момент, и честитајте си: Нека ни е честит и вековит овој ден и овој историски успех на Македонија, оваа победа на граѓаните на Македонија!

Денес НАТО одлучи да ни биде врачена поканата да станеме 30-та членка на Алијансата. Денес ја добивме поканата да станеме сојузник на најсилните земји членки во светот.

Ова е покана за полноправно членство во водечкиот сојуз за мир и безбедност на меѓународната сцена.

Дочекавме уште еден голем ден. Ги остваруваме нашите заеднички стратешки цели, нашите заеднички сонови и надежи.

Ова е ден кога се обединуваме со сите наши политички разлики околу остварениот сон, околу надежта која денес стана реалност.

Сон и надеж што ни се заеднички на сите. Затоа е денот голем, затоа радоста е голема.

Радоста е голема и зашто во неа се вградени напорите на сите чинители од создавањето на независна и самостојна Република Македонија до денес. Граѓаните од сите градови и населени местa низ државата. Сите наши пратеници од сите политички партии, во сите собраниски состави. Сите претседатели и членови на Владите на независна Република Македонија. Огромното мнозинство граѓанки и граѓани.

Денес да се обединиме, да си честитаме и да си посакаме уште една желба: Да ја направиме Република Македонија, ѕвездата на Балканот, да биде и нова голема надеж за регионот и за Европа!

НО, уште повеќе: Да ја оствариме новата надеж за граѓаните на Република Македонија! Да зачекориме побрзо и да станеме членка во Европската Унија!

Да продолжиме со силна политичка волја, со искрен дијалог и со подготвеност за решенија.

Да продолжиме со чекорите до следната голема одлука кога повторно ќе кажеме „Да, за нашата иднина! Да, за македонската иднина!“

Да кажеме „Да!“ за нашиот сојуз со НАТО. „Да!“ за ЕУ – ДА за за безбедна иднина, сигурно општество во економски подем, за благосостојба на сите наши граѓани.

Да бидеме силни заради нас, заради нашата држава, и заради иднината на нашите и на следните генерации.

Почитувани граѓани, ве повикувам во сабота на 14 јули, да прославиме заедно низ градовите во Македонија. Владата подготвува прослави во 15 градови каде со домашна музика ќе си честитаме, затоа што ОДИМЕ НАПРЕД и затоа што МАКЕДОНИЈА ВЛЕГУВА ВО НАТО И ЧЕКОРИ КОН ЕУ!

 

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …