Исправени, полни со гордост, ја одбележуваме 78 годишнината од државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“, застанати рамо до рамо, заедно повеќе генерации, заедно со нашите борци и борки, учесници и сведоци на големиот историски настан со кој беше означен почетокот на востанието на македонскиот народ, и на сите други граѓани во нашата земја, против злото наречено фашизам – со овие зборови премиерот Зоран Заев го започна своето обраќање на свечената програма за одбележување на празникот во Куманово, откако претходно беа положени венци свежо цвеќе на спомен костурницата на паднатите борци од НОБ.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев нагласи дека на 11 октомври во 1941 година, во Куманово и во Прилеп беше означен почетокот на завршните процеси за впишување на македонска држава на мапата на народите на светот.

„Тоа утро, во Прилеп и Куманово пламна искрата на борбата, на отпорот, на стремежот нашата земја да биде дом на слободата, победник над окупацијата. На тој начин, малата земја, тогашна Македонија, стана едно со светскиот победнички сојуз на државите што се кренаа против фашизмот.

Храбрите борци и борки не се штедеа да ги стават и сопствените животи на пиедесталот на новата држава, како подарок и како завет за сите идни генерации: Со својот херојски и епски гест тие порачаа дека идните генерации државноста и слободата никогаш не смеат да ја изгубат или да ја доведат во прашање. 78 години овој завет е жив и никогаш нема да биде заборавен“, истакна премиерот Заев во своето обраќање во Куманово.

Заев додаде дека во тие големи, драматични и пресвртни настани во светската историја, во такви бурни, преломни времиња на светската историска сцена, како резултат на ослободителната борба и на антифашистичко востание, се роди и македонската држава, и дека наша обврска е секогаш да им оддаваме должна почит на тие храбри, државотворни луѓе да ја остварат вековната цел – македонска држава – тоа е денешната горда и прогресивна, Северна Македонија!

„Кога заканата по слободата беше најголема, борците на НОБ ја извојуваа победата и ја донесоа државноста пред идните генерации за да ја чуваат, да ја негуваат и да ја развиваат. Да ги почитуваат и негуваат вредностите на сите народи во земјата, а на светот да му ги подарат без временските вредности на нашата културна историја и традиција, мозаикот македонски, преплетен со убавините што ги носат сите заедници кои живеат во нашата земја“, нагласи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Заев.

Премиерот Заев рече дека нашата држава беше создадена како дом на слободата за сите нејзини граѓани. Како едно општество на сите и за сите за кое секоја генерација е должна да ги проширува видиците и да го дава својот придонес. Секој граѓанин на нашата држава.

„Должни сме да преземеме одговорност за татковината да биде дом на слободата на сите нејзини граѓани, како нова ѕвезда во европското соѕвездие. И затоа и денеска можеме да кажеме дека сме повторно пред историска пресвртница. Нашата генерација е пред исчекорот за остварување на нашата стратешка цел во оваа фаза од нашата историја: Пристоен живот за секого со европски животен стандард и вредности. Осигурени граници. Безбедност. Стабилност. Признаен идентитет. Сето ова преку членството во НАТО, а потоа и членството во Европската Унија“, потенцираше премиерот Заев, и додаде дека нашата мисија  денеска е постојано да наоѓаме причини плус и да ги мотивираме младите тука да се ангажираат – во своите маала, своите заедници, села и градови – тука да живеат и работат, во својата земја.

„Пред 78 години борците од НОВ ја отпочнаа борбата за слобода и ја добија слободата. Нашата генерација, на свој начин ја повтори таа борба, и еве ја повторно слободата – ја живееме, ја уживаме. Слободата нека ни биде инспирација да си помагаме едни на други, да работиме на еднаквоста и солидарноста, да ја чуваме околината, да градиме системи што ќе останат, да им служиме на своите граѓани, да се почитуваме. Тоа современиот патриотизам. Тоа е европската иднина за Северна Македонија. Тоа е иднината која станува наша сегашност“, нагласи премиерот Заев во завршницата на своето обраќање на спомен костурницата во Куманово, каде што денеска се одржаа свеченостите по повод 11 Октомври, Денот на народното востание.

На свеченостите во Куманово се обратија претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците, доктор Никола Стојановски. Тој потсети на херојскиот подвиг на неговите соборци и соборки во епопејата на Народно-ослободителната војна означена со почетокот на 11 октомври во 1941 година.

„Нашата земја, нашиот народ, во содејство со другите народи од поранешна Југославија, заедно со сојузниците од светската антифашистичка коалиција, може да биде горда. Меѓу првите во Европа застанавме на вистинската страна против најголемото зло – фашизмот. Така ја создававме државата преку АСНОМ, нејзиниот темелник, до завршните здружени операции во 1945 година. Никогаш да не ги заборавиме спомените и спомениците на славната борба, на Епохата на оваа победничка земја и никогаш да не го забораваме делувањето на Сојузот на борците“, истакна во својот говор претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците, доктор Никола Стојановски.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски ја нагласи должната почит за паднатите борци чии имиња се врежани на мермерните плочи на спомен-костурница, како вечен спомен на кумановскиот и македонскиот непокор и сведочат за едно славно време кое влева силна верба кај генерациите на нашиот првоборечки град и се показ како се брани својата татковина и својот народ.

„Октомвриското востание беше круна на залагањата на македонскиот народ за свое ослободување од непријателот и остварување на вековните стремежи на македонскиот народ. Денеска од сите нас, различни по погледите и убедувањата, по желбите и замислите, се очекува да покажеме доволно патриотизам и достоинство во решавањето на сите предизвици кои ќе ни застанат на патот на демократијата, правното општество и економската перспектива на Република Северна Македонија, со цел побрзо спојување со развиениот демократски свет во Европа“, издвои во своето обраќање градоначалникот на Општина Куманово Димитриевски.

Одбележување на 78 годишнината од денот на народното востание на македонскиот народ против фашизмот и за македонска државност во Куманово започна со положување свежо цвеќе на Спомен – Костурницата од страна на делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, на канцеларијата на Претседателот на Република Северна Македонија, на Собранието на РСМ, на делегацијата на Сојузот на борците, на општината Куманово, на делегациите на дипломатскиот кор во земјата и на бројните општествено политичките и граѓанските организации во земјата.

Свечената програма за одбележување на 11 октомври – Денот на народното востание, заврши со културно-уметничка програма.