Заев: Почит за великанот Глигоров, да ја заокружиме неговата визија за европска Македонија

Заев: Почит за великанот Глигоров, да ја заокружиме неговата визија за европска Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска, во Штип, се обрати на отворањето на Спомен соба на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.

Поздравувајќи ја ќерката на претседателот Глигоров, Донка Глигорова, градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, присутните министри и градоначалници од регионот, како и граѓаните на Штип, премиерот Заев, на свеченоста во Мултимедијалнот центар „Киро Глигоров“, изрази голема благодарност до семејството Глигорови што, како што рече тој, ѝ го подарија на Македонија, на македонскиот народ, и на сите граѓани еден од најголемите македонски синови и симболот на нашата независност, претседателот Киро Глигоров.

„Глигоров е несомнено еден од великаните на современата историја на Македонија и на вековниот стремеж на македонските граѓани за самостојност. Од НОБ и АСНОМ, чијшто учесник беше, па сѐ до неговите два мандати како претседател во најважните мигови за создавањето на самостојната македонска држава, претседателот Глигоров речиси половина век беше во врвот на нашата политика. Имаше важни и клучни улоги и се вгради во нашата историја како еден од носечките столбови, врз чии идеи и дејствување се создаваше нашата државност“, рече во своето обраќање премиерот Заев.

Тој посебно истакна дека претседателот Глигоров, неговата мудрост, огромното политичко искуство и неговиот интелект, беа од огромна предност и ѝ помогнаа на Македонија да излезе речиси недопрена од крвавиот распад на Југославија, и да стане меѓународно признаен ентитет.

„Под мирната рака и водство на Глигоров, успеавме да пребродиме блокади од соседите, санкции и војни во соседството, да се издигнеме и над внатрешните предизвици и поделби. Македонија, во тие први години на самостојноста, иако во исклучително тешки околности, го газеше цврсто и непоколебливо својот пат кон заедницата на независни држави“, рече премиерот Заев, и додаде:

„Две децении подоцна, по сите голготи низ кои поминавме, се наоѓаме пред самата цел на втората етапа, на самиот праг на остварување и заокружување на таа визија. Македонија – суверена и самостојна. Македонија на Запад – дел од НАТО и ЕУ. Македонија – просперитетна, земја која оди напред и отвора нови можности за нејзините граѓани“.

Премиерот Заев, изрази уверување дека претседателот Глигоров, како што рече тој, ќе беше горд на овие наши постигнувања и среќен за просперитетната иднина и можности што се отвораат пред неговите сограѓани.

Градоначалникот на Штип пак, Благој Бочварски потенцираше дека денеска Штип и штипјани му ја оддаваат должната почит на својот сограѓанин и татко на нацијата, првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров којшто во својата долга и плодна политичка кариера секогаш се залагал за толеранција и искористување на придобивките на здрав политички дијалог и искрено и напорно работеше нашата земја да биде интегрирана во сите релевантни меѓународни организации, сѐ со цел за меѓународно етаблирање на македонската држава.

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …