Обраќање на претседателот на СДСМ Зоран Заев:
Почитувани,
Централниот одбор на СДСМ ја одржа 16-тата седница на која се донесоа важни одлуки за идното функционирање на партијата, но и за прашања поврзани за составот на новата Влада предводена од СДСМ.
Членовите на ЦО донесоа одлука за усвојување на договор за коалицирање со политичката партија ДУИ. Со овој договор за коалицирање обезбедено е Парламентарно мнозинство и нова Влада која во полн четиригодишен мандат ќе ги реализира програмските определби и принципи околу кои сме обединети.
Јас ќе бидам премиер во полн четиригодишен мандат. Имавме доволно големина и јас и Ахмети и СДСМ и ДУИ да се согласиме јас да ја водам Владата 4 години, а од друга страна во последните 100 дена премиер да дојде на предлог на ДУИ со заедничка согласност.
Парламентарното мнозинство ќе го почитува духот на заедничкото работење кое подразбира конструктивна соработка, дијалог, почитување различно мислење базирано на аргументи и градење на консензуална демократија наместо паралелизам, етноцентризам и надгласување.
Партиите СДСМ и ДУИ веќе ги усогласуваат изборните платформи во заедничка четиригодишна владина програма. Она што е јасно дека главен фокус ќе биде ставен на јакнење на економскиот стандард, зголемување на платите и пензиите, отворање на нови работни места и привлекување на нови странски инвестиции како и директна поддршка на домашната економија.
Вложувањето во проекти важни за граѓаните, продолжуваат. Следуваат конкретни итни мерки за зголемување на динамиката, реализирање и финансирање на капитални и инфраструктурни проекти како патишта, водоводи, канализации, депонии, гасификациони мрежи, училишта, детски градинки, болници, амбуланти итн.
Во делот на судските реформи ќе инсистираме на силна транспарентност и конкретна одговорност во поглед на прераспределба на предметите, како и работата на сите обвинители и судии. Следува прочистување на судството и проверка на потеклото на имотот и парите на функционерите.
Многу важно Владата ќе има 19 министри и премиер, наместо досегашните 26 министри и премиер. Бројот на ресори е намален за 7 министри.
Соочени со борбата против коронавирусот уште повеќе продолжуваат инвестициите во јавното здравство како во опрема така и во човечки капитал.
Коалициска согласност но и владина определба ќе биде еднакво како и претходните заштита на животната средина, воздухот, почвите и водите која ќе ја спроведуваме темелно преку мобилизација на сите капацитети.
Во делот на надворешната политика, продолжуваме со целосна имплементација на Договорот од Преспа со Грција, договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија како и договорите кои обезбедија членство во НАТО и не водат во интеграција кон ЕУ, но и Охридскиот Рамковен Договор.
Почитувани,
Овие принципи ќе ги реализираат професионални, отчетни и одговорни кадри посветени на интересите на граѓаните и државата.
На седницатА ЦО ги прифати предложените кандидати за министри на новата Влада, и ме овласти мене да ги предложам и замениците министри до Собранието.
СДСМ од своите редови како свои предлози номинира:
потпретседател на Владата за борба против криминал и корупција, за одржлив развој и човечки ресурси – Љупчо Николовски;
потпретседател на Владата за европски политики – Никола Димитров;
потпретседател на Владата за економски политики – Фатмир Битиќи;
министер за внатрешни работи – Оливер Спасовски
министер за одбрана – Радмила Шекеринска
министер за здравство – Венко Филипче
министер за образование и наука – Мила Царовска
министер за транспорт и врски – Благој Бочварски
министер за култура – Ирена Стефоска
министер за правда – Бојан Маричиќ
министер за труд и социјална политика – Јагода Шахпаска
Истовремено од редовите на коалицијата Можеме за коалиционите партнери од коалицијата Можеме се дадени ресорите земјоделијe кај БЕСА и министерот за локална самоуправа даден на коалициониот партнер ЛДП.
Во новата Влада од 19 министри СДСМ на свои предлог има 11 министри од коишто 8 се министри со ресор плус 3 потпретседатели на Владата кои се предлагаат како министри без ресор со надлежност којашто владата ја дава во областите коишто ги споменав.
Од 8-те министри со ресор 4 се жени, 4 се мажи. Остануваме доследни и во вака комплексни ситуации на договарање коалициско во којашто постојат 26 политички партии заедно со партијата ДУИ и испраќаме порака за еднаквост помеѓу мажите и жените во нашата земја.
Согласно дневниот ред, на вечерашната седница беа донесени и одлука за одржување на конгрес по избори како што е наведено и во статутот на партијата. 25иот конгрес на СДСМ ќе биде одржан во септември или почетокот на октомври во зависност од состојбата со корона кризата за што ЦО го овласти ИО да ја определи точната дата и локацијата
Утврден е и бројот на делегати на Конгресот, како и и Правилник за постапката, начинот, критериумите и роковник за избор на делегати на Конгрес на СДСМ за мандатен период “Септември 2020 – Септември 2024”.
Централниот одбор избра и нов претседавач, тоа е пратеничката Сања Лукаревска.
СДСМ констатираше дека победија исправните и принципиелни политики кои земјата ја носат напред и дека пред нас се 4 години домашни реформи во кои пред нас ќе гледаме како земјата ни се трансформира кон подобро. Ова се 4 години во кои како земја многу повеќе ќе добиеме отколку што ќе дадеме. Затоа, ги повикувам сите граѓани, секој од нас да се ангажира двојно повеќе, за сите заедно да добиеме многу повеќе. Тоа го можеме!