Заев: Трајковски беше уверен дека канцеларијата на претседателот на државата треба да е надвор од партиските интереси

Заев: Трајковски беше уверен дека канцеларијата на претседателот на државата треба да е надвор од партиските интереси

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше и се обрати на молитвениот појадок, организиран во соработка со Меѓународната фондација на Борис Трајковски, по повод 15 годишнината на трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски.                

Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев:

„Денеска одбележуваме 15 години од трагичниот настан, од авионската несреќа во која го загуби животот претседателот Борис Трајковски и уште си него осуммина негови најблиски соработници и членови на екипажот на авионот.

И на овој ден, претседателот Трајковски го прави тоа што најдобро го знаеше: Да собере, да здружи, да обедини, да ги прибере околу себе членовите на заедницата.

На овој ден, пред 15 години, во раните претпладневни часови, светот го обиколи страшна, трагична вест: Во авионска несреќа кај Мостар, додека ги извршуваше своите државнички обврски, загина претседателот Трајковски, членовите на неговата придружба и пилотите во авионот.

Светот се соочи со фактот дека во тој тажен момент беше прекинат животот на државникот Трајковски додека беше во полн подем, со инспиративна политичка зрелост и политички континуитет што оставија длабока и неизбришлива трага во историјата на современата независна македонска држава.

Ненадејната смрт на претседателот Трајковски ни одзеде голем државник, безмерно сакан сопруг, татко, брат и пријател.  Ни одзеде сограѓанин кој со извонредна енергија, истрајност, мудрост и трпеливост, ја извршуваше највисоката функција во државата.

Мојот сограѓанин, Борис Трајковски е роден на 25-ти јуни 1956 година во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1980.

Беше избран за претседател на Република тогашна Македонија, сега Северна Македонија на 15 декември 1999 година, како втор претседател на нашата независна држава.

Претходно беше 12 години на чело на Младинската организација на Методистичката црква во поранешна Југославија. Во своите рани политички години беше претседател на Комитетот за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 1998 до 1999 година ја извршуваше функцијата заменик министер во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија.

Со својата знаменита и впечатлива фигура беше секогаш препознатлив и активен учесник на долга низа меѓународни настани, конференции и форуми главно на темите за решавање на конфликти, верска толеранција и слобода.

Имаше само 47 години кога беше прекината неговата политичка кариера. Кога беше избран за претседател беше најмладиот претседател на држава и врховен командант во историјата на регионот.

Тоа го определи Трајковски да му припаѓа на генерацијата млади и современи европски политичари. И не само заради возраста, туку и заради неговиот модерен политички пристап, Трајковски во фокусот на своето внимание и посветеност ги имаше натамошната демократизација на општеството, почитувањето на човековите права, зајакнувањето на граѓанското општество, развојот на пазарната економија, владеење на правото, и борбата против корупцијата и криминалот.

За свој врвен и првенствен приоритет ја имаше поставено заложбата за подобрување на животниот стандард на граѓаните и за еднакви можности за граѓаните, без оглед на нивната политичка, верска или етничка припадност.

„Разговараме да создадеме општество засновано од индивидуалци, не од етнички групи, од граѓани, не од малцински групи“, имаше обичај постојано да потсетува и да препорачува.

Во однос на своите надворешно политички определби Трајковски беше максимално посветен на поттикнување на соработката во Југоисточна Европа и на спроведување на неговата заложба за мирна добрососедска политика, со почит за суверенитетот и територијалниот интегритет на соседните земји.

Својата европска визија ја внесуваше како основа за еден нов квалитет во развојот на регионалната соработка.

Неговите активности на тој план ја промовираа нашата земја како лидер во регионалните иницијативи. Свежи се сеќавањата на бројните настани и самити на кои беше домаќин претседателот Трајковски, и на кои присуствуваа лидерите од регионот и пошироко, ние бевме горди како граѓани.

Политиките на Трајковски беа од особен придонес за постојаната афирмација и за натамошно приближување на нашата земја кон Европската Унија и кон структурите на НАТО.

Имаше дарба и стратегија да ги одржува еднакво важни и односите на нашата земја со САД и Русија и со Народна Република Кина.

Нашиот претседател Борис Трајковски, многу брзо се стекна со голем меѓународен углед. За неговата работа беше одликуван со високи одличја и признанија.

Во 2000 година беше именуван за Витез на Големиот крст од Редот на Свети Михаил и Свети Ѓорѓи, орден и титула што ја доделува Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Истата година го доби највисокото признание –  Орден за заслуги „Про Менто Мелитензе“ на Малтешкиот ред, а во 2002 година беше овенчан со Наградата за мир на Светската методистичка организација.

Во 2005 година, постхумно, на претседателот Борис Трајковски му беше доделен Орденот на Република Македонија — највисокото државно одликување на нашата земја.

Трагичниот настан и судбина прекинаа една брилијантна политичка кариера и еден претседателски мандат во негова полнота.

Неговиот живот трагично заврши токму на денот кога Република Северна Македонија требаше да направи уште еден голем чекор на својот пат кон интеграцијата во Европската Унија. На денот кога апликацијата за членство, потпишана и од него, требаше официјално да биде претставена во Даблин, во Република Ирска.

Тој кобен ден, на 26 февруари, ги извршуваше своите претседателски обврски, тргна на пат да ја застапува и промовира нашата земја на меѓународната конференција во Босна и Херцеговина, а судбината одлучи дека, од претседателската функција, Борис Трајковски ќе замине директно во нашата историја.

За жал, во делот на историјата на нашите тегоби, на нашите трагични загуби.

Почитувани,

Борис Трајковски ја извршуваше својата должност како претседател во еден исклучително тежок период за нашата земја. Искушенијата со кои се соочуваше исправено и храбро, во ниту еден момент не го поколебаа.

Својата должност како Претседател на сите граѓани и како врховен командант ја извршуваше со силен личен печат, со цврста истрајност и посветеност кон универзалните, највисоки етички и човечки принципи, во кои непоколебливо веруваше и во кои беше длабоко убеден дека се најдобриот избор.

Од таа перспектива, не може да се заборави ниту упорноста со која се бореше за зачувување на достоинството на институцијата Претседател на државата, дури и тогаш кога ги добиваше најсилните удари.

Не треба да се заборави неговата цврста определба и неговото уверување дека канцеларијата на претседателот на државата е надвор од партиските интереси. Врвен и единствен приоритет во извршувањето на неговата претседателска функција беа интересите на граѓаните и просперитетот на земјата наша.

Реакциите, изјавите и пофалбите за неговите политики што доаѓаа од целиот свет, беа најискрени и сосема различни од вообичаените, стереотипи на политичка коректност и љубезност. Напротив, восхит за неговите политички одговори за најсложените прашања низ кои поминуваше нашата земја зборуваат максимално илустративно за работата и личноста на претседателот Борис Трајковски.

„Миротворец на Балканот“, „разумен политичар“, „човек со демократски визии“, „човек за мир и дијалог“, „почитуван лидер и пријател“ беа најчесто споменуваните зборови во изјавите и писмата на државниците и светските политичари како признанија и поддршка за неговото дело.

Во овие зборови и признанија, изразени од водечките светски државници и политичари, се содржани придобивките од политичкото наследство што го остави Трајковски во неговата државничка кариера.

Луѓето што го познаваа лично и неговите блиски соработници ми велат дека тој безрезервно, без најмал сомнеж се впушташе во реализација и остварување на задачите и целите што ги поставуваше пред себе, а кои секогаш беа обликувани, дефинирани од интересите на граѓаните.

Беше оптимист со јасна претстава за реалноста и можностите, а неговата искрена посветеност сведочеше дека за него нема безнадежна ситуација.

Тоа најдобро беше потврдено за време на кризата во 2001 година. Во тие моменти, кога пред иднината на државата се исправи неизвесноста, претседателот Борис Трајковски, како одговорен лидер, на своите рамена го презеде најголемиот дел од товарот и во ниту еден момент не се поколеба да го направи тоа, иако бил свесен за потенцијалните последици за неговата идна кариера во политиката.

Во таа ситуација,  тој во себе го издвои и го стави во прв план државникот Борис Трајковски, пред политичарот Борис Трајковски.

Откако заврши конфликтот, и откако беше потпишан Охридскиот рамковен договор, на 12 декември 2003 година, претседателот Трајковски беше поканет на конференцијата „Малцинствата во демократијата“ што се одржа на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Говорот што тој тогаш го одржа пред универзитетската заедница и пред студентите, говори за значењето на претседателот Трајковски во пресудните моменти за државата во 2001 година.

Тој рече: „Што, во суштина, беше ставањето на потписот на Охридскиот рамковен договор во 2001 година? Ние, во суштина, ставивме потпис на проектот Македонија во 21 век. Овој проект има и свое второ име: Интеграција, наместо делби и взаемна одговорност, наместо доминација. Охридскиот документ, во основа има два столба: Првиот е децентрализацијата, а вториот правичната застапеност на припадниците на сите етнички заедници во сите државни структури. Првиот столб, децентрализацијата, треба да ја донесе демократијата поблиску до сите граѓани за да можат самите да одлучуваат за нивната иднина. Вториот столб треба да го распредели товарот на градење на нашата заедничка држава меѓу сите нејзини граѓани подеднакво“.

Така говореше Трајковски. На тие два столба се издига иднината на нашата земја.

За претседателот Борис Трајковски, стратегискиот интерес на Република Северна Македонија – нејзината интеграција во Европската Унија и НАТО беше визија за реализација на која тој целосно се посвети.

Целосно свесен за овој факт, во својата последна јавна изјава по повод потпишувањето на писмото кое ја придружува апликацијата за членство во Европската Унија, тој ќе порача дека задачата со која се соочуваме не може да ја заврши само една влада, само еден претседател или само еден министер. Уште порача дека сите мораме да придонесеме за нашата институционална интеграција во НАТО и во Европската Унија.

Во име на неговиот спомен, и во име на неговите пораки од пред 15 години, ние денеска со право можеме да кажеме дека дел од тие пораки, дел од неговата визија – се исполнети. Нашата земја оваа година го завршува процесот за полноправно членство во НАТО.

Дами и господа,

Во сеќавањата на сите што го познаваа, од најистакнатите државници до обичните луѓе, Борис Трајковски останува олицетворение на отвореност и блискост со народот. На претседателската канцеларија тој ѝ даде човечко, хумано лице.

Ден денеска се паметат зборовите од неговото последно годишно обраќање во Парламентот кога рече дека тој го започнал мандатот како претседателот на државата со секојдневни состаноци и разговори со обичните луѓе од сите општествени нивоа и дека тоа е начинот на кој тој и ќе го заврши.

Беше човек од народот. Секогаш наоѓаше време за проблемите на обичните луѓе. Доаѓаа тие кај него, но и тој не престана да ги посетува во нивните домови.

Се паметат и овие негови зборови: „Да бидеш претседател и да бидеш свештеник е сосема иста работа. Мораш да ги обединуваш луѓето од различно потекло и со различни мислења. Не треба само да им проповедаш, туку и да им служиш, да ги водиш, да страдаш со нив. Јас имам многу важна морална улога – да ги водам, да ги охрабрувам луѓето, да знаат што е добро, а што лошо и да ги натерам луѓето да си веруваат… “, зборуваше претседателот Трајковски.

Сопругот и таткото Борис Трајковски беше цврсто поврзан со своето семејство. Со огромна радост, внимание и задоволство го минуваше секој слободен миг со нив.

И денеска е тешко е да се најдат зборови на утеха и за спокој во нивните срца за огромната загуба за семејството.

За неговото лично, и за семејството на кое му припаѓаше како државник – нашата заедничка македонска држава.

Вечна му слава, нека е вечно сеќавањето на нашиот претседател!

Прочитајте повеќе

Притисок за да функционира државата

Притисок за да функционира државата

Од стотици регистрирани граѓански или невладини организации, здруженија, фондациии, малку се оние кои  чиј „збор …