Заев: Велигден во услови на пандемијата ни дава надеж и сила за победа

Заев: Велигден во услови на пандемијата ни дава надеж и сила за победа

Премиерот Зоран Заев испрати писмо со честитки по повод празникот Велигден до д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх во Северна Македонија, во кое во негово и во име на Владата на Република Северна Македонија, на сите верници на Католичката црква во нашата земја, како и на сите верници од протестантските деноминации во земјата коишто денеска го празнуваат, им го честита големиот христијански празник – Велигден.

Претседателот на Владата Заев во писмото пишува дека и годинава еден од најсветлите празници се празнува со ограничувањата кои ги донесе пандемијата на коронавирусот КОВИД-19 и во период кога целиот свет се соочува со тешки искушенија.

„Саможртвата на Христос е подвиг од љубов посветен на нас луѓето, со кој Бог ни се даде како пример токму кога за момент сè изгледаше како пораз. И кога темнината и тишината настапија на земјата, Он воскресна и со смрт смртта ја победи за да ни ја врати со целата полнота надежта“, истакнува премиерот Заев во честитката до верниците од католичката и протестантските заедници во земјата по повод Велигден.

Премиерот Заев порачува дека на празникот посветен на спасението и на новиот живот, да се потсетиме на потребата да бидеме достојни верници и чесни луѓе, и низ нашата скромност да понесеме саможртва за доброто на сите, заштитувајќи се себеси и здравјето на ближните.

„Токму светлината на овој празник во овие драматични мигови за човештвото, не поттикнува да се преиспитаме, да создаваме добри дела и да покажеме разбирање еден со друг, да бидеме љубезни во кругот на нашите семејства, помеѓу соседите и пријателите и севкупно во нашата држава. Христос со воскреснувањето ни покажа нешто навистина ново, нешто што ја промени состојбата на човештвото и светот и ни дава надеж и сила за победа над сите човечки ситуации на страдање и неправда“, пишува премиерот Заев во честитката до верниците од католичката и протестантските заедници во земјата по повод Велигден со желби празничните денови поминат во добро здравје и духовна сила со пораката „Христос воскресна!“.

Прочитајте повеќе

Со измами за лажни сообраќајки изнудуваат илјадници евра

Со измами за лажни сообраќајки изнудуваат илјадници евра

Расте бројот на измамени граѓани кои платиле на лажни полицајци кои им понудиле „помош“ да …