Претседателот на Владата, Зоран Заев во интервју за ТВ магазинот „Детектор“ потврди дека не се потребни предвремени избори, оценувајќи ги барањата на опозицијата како неаргументирани со цел да се спречи исполнувањето на политиките на Владата, а тоа е да се стави ред во правната држава, да се врати довербата во институциите и економијата да ги даде своите резултати со обезбедување подобар стандард на граѓаните.

„Потребно е конечно нашата земја да истрае еден цел мандат, да заокружи политики, да исполни ветувања, политиката кон граѓаните, да се направи убав пресек, па потоа да се оди на избори. Навистина како политичка партија и политичка гарнитура, донесовме сериозни храбри одлуки, искрено верувајќи дека тие одлуки на крајот на денот значат економски стандард“, рече премиерот Заев.

Во врска со  случајот „Рекет“, премиерот Заев оценува дека по заокружувањето на истрагата преку обвинителниот акт, целиот случај ќе остави впечаток на доверба кон институциите и политичарите.

„Заради тоа што, навистина претставува случај каде што недвојбено без резерва на било кој, се става силен печат на независноста на правосудниот систем во овој случај на Јавното обвинителство, растоварен од било какви притисоци да истера истрага за вака висока корупција“, вели во интервјуто премиерот додавајќи дека самиот факт што има обвинител во притвор и сопственик на медиум, претставува сериозна порака дека институциите не прават разлика, и сите за кои постојат индиции за инволвираност во одредени кривични дела треба да одговараат.

„За мене тоа е многу значајно заради тоа што веднаш, дури и како правна држава, тоа значи економија. Тоа значи инвестиции, тоа значи повисоки плати, тоа значи економски стандард, сето тоа е поврзано во севкупниот амбиент на создавањето на поволна клима за живеење во нашата земја“, посочи премиерот.

Коментирајќи ја состојбата во државата, премиерот Заев изрази задоволство, од како што рече „заздравувањето“ на земјата, кога од заробена држава, од држава во која не постоеше правда, со контролирано правосудство, сега постои јасно ослободување на државата, слобода на говорот, слобода на живеењето и јакнење на правната држава.

„Секако тоа е процес, се случува дури и во европски земји денеска. Во Полска, Унгарија и многу други земји таа е општа дебата, но јас сум задоволен со интензитетот на така да го кажам унапредувањето на севкупните услови во Република Северна Македонија. Единствено не сум задоволен со интензитетот на правната држава. Таа мора да биде побрза, враќањето на довербата во правната држава и правдата сеопшто. А, судиите и обвинителите мора да се одважат и да носат исклучиво одлуки согласно закон и по сопствено убедување и побрзо. Затоа што, тоа доцни, доцни, се одложува, а граѓаните се нетрпеливи. Како за случаите за СЈО, така и за „Рекет“, така и за било кои други случаи. Вредно е час поскоро, ден поскоро се носат одлуките за да може граѓаните да ги добијат сите вистини кои што ги очекуваат“, изјави премиерот Заев во интервјуто за „Детектор“.

Премиерот Заев повтори дека двете стратешки цели на државата се датумот за почеток на преговори со Европската Унија и членството во НАТО и дека резултатите од овие цели обезбедуваат безбедна, стабилна, суверена и целовита земја, каде што дополнително преку европските фондови и преговори, ќе се јакнат институционалните капацитети кои го осовременуваат и подобруваат севкупниот живот на граѓаните.

„Тоа е нешто зад кое што сите стоиме, над 80 проценти во државата, сите политички субјекти, сите претставници во Парламентот. Јас верувам дека и Европската Унија и НАТО и правната држава и економските резултати со заокружен мандат, ќе донесат позитивен резултат за оваа владејачка гарнитура која што имаше храброст, за разлика од сите други претходни, да донесе храбри одлуки за сите граѓани на земјата“, истакна премиерот Заев во интервју за ТВ магазинот „Детектор“, нагласувајќи дека за политичарите најважната одлука ја имаат граѓаните, кои ја оценуваат нивната работа и резултатите на избори.