Заев: За десет личности се прават анкети кој би бил најдобар кандидат за претседател

Централниот одбор на СДСМ ќе се одржи во петок, а дебатата за консензуален кандидат е во тек, одговори денеска на новинарско прашање премиерот Зоран Заев во врска со името за консензуален претседател, на прес-конференцијата во Владата посветена на проекти во патната инфраструктура.

Тој додаде дека, како партија и коалиција која сака да победи на претседателските избори, прават анкети кој кандидат најдобро ќе помине кај граѓаните и дека тој треба да биде прифатлив за сите.

„За повеќе од десет имиња се прави истражување. Одиме чекор по чекор, дебатираме, го слушаме ставот на граѓанските организации, на граѓаните за да најдеме личност која е најприфатливо решение за сите“, рече Заев.

Тој додаде дека доколку се оди само на претседателски избори тие треба да поминат покомфорно за граѓаните, за да не се наршат процесите што течат во државата. Премиерот го повтори неговиот познат став дека лично е против парламентарни избори заедно со претседателските.

„Изминатиот период донесовме тешки одлуки, и граѓаните сега треба да ги соберат плодовите од тие одлуки. Но треба да се слушне и партијата, сите анкети покажуваат дека СДСМ и Коалицијата е во предност и оттука избори ни одговараат. Тоа значи обезбеден четиригодишен мандат, мнозинство во парламентот, но ќе трпи државата“, рече Заев и додаде дека сигурно е дека заедно со претседателските избори ќе има локални за избор на градоначалник во Охрид, Ново Село и Дебар.

Прашан за Законот за јазици кој е даден на Венецијанска комисија, премиерот одговори дека како и до сега сите препораки ќе бидат имплементирани за да се отстрани секој сомнеж на граѓаните.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …