Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со Комесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија, Јоханес Хан и претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир со свои воведни обраќања денеска ја отворија конференцијата за земјите од Западен Балкан Денови на Медиумите којашто се одржува во Скопје, Република Македонија, а е во организација на Европската Комисија.
Комесарот Хан и претставникот на ОБСЕ Дезир во своите обраќања ги поздравија напорите на Владата на Република Македонија за спроведување на медиумските реформи посочија на важноста од заедничко делување против лажните вести и зборуваа за состојбите и можностите на унапредување на слободата на медиумите во земјите од Западен Балкан.
Премиерот Заев во своето воведно обраќање истакна:
Ако во основата на оваа конференција, е темелната цивилизациска вредност – слободата на медиумите, прво на што треба да се стави акецентот е дека таа не може да се постигне, ниту да функционира сама по себе.
Слободата на медиумите е недозволиво да остане само декларација запишана во законите и резолуциите. За да биде жива, автентична и секојдневна пракса, таа мора да произлегува и да биде дел од еден економски одржлив, независен и плуралистички медиумски сектор, кој опстојува во функционални држава во која владее правото како гаранција за автентична медиумска слобода.
Уште еден феномен е многу важен и треба да се има предвид, кога зборуваме за условите во кои треба да се остварува слободата на медиумите. Тој феномен се однесува на драматичните промени во кои се најдоа традиционалните медиуми наспроти дигиталната еволуција, која ги зафати медиумите и го промени начинот на продукција и дитрибуција на вестите, како и навиките на медиумската публика.
Трендот на ширење дезинформации е најголем поткопувач на демократските и реформскитеп процеси, како и на европеизацијата на регионот.
Таквите пара-информации учествуваат во поткопувањето на владеењето на правото и на политичката стабилност која, меѓу другото, не помалку влијае и на работата на новинарите.
Лажните вести најчесто се наменети за да дискредитираат личности, да шират дезинформации, да предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор.
Во регионален контекст, лажните вести кои се насочени кон етничка, политичка и верска нетрпливост, се заеднички непријател на трендот на помирување на земјите од Западен Балкан и нивната конечна европеизација.
Кога зборуваме за состојбите на медиумите во Западен Балкан, неминовно е да се осврнеме и на ситуацијата на големото непознавање на медиумите на состојбите во соседните земји. Соработката на медиумите од регионот, со одредени ретки исклучоци, скоро и да не постои.
Тоа е исклучително плодно тло за регресивните сили и пропагаторите на евроскептицизам, национализам, и секакви форми на радикализам, од политички до верски и идеолошки.
Како на некој да не му одговара да излеземе од бурето барут.
Почитувани претставници на медиумите од регионот и од Европа,
Објективното и слободно известување е од клучно значење во градењето на демократијата, за воспоставување на добро владеење и за соодветна комуникација за реформите што се преземаат.
Оттаму доаѓа и одговорноста на политичките лидери, особено во земјите на Западен Балкан, како земји аспиранти за членство во ЕУ, да ја гарантираат слободата на медиумите, вклучувајќи ја и безбедноста на медиумските работници и обезбедувањето пристојни услови нивната работа.
Суштината на медиумскиот бизнис лежи во информациите, т.е. во испорачување на вистина преку објективно и целосно информирање на јавноста и сето тоа сторено со почитување на етичките правила.
Тука сакам да нагласам дека јас сум застапник на концептот на саморегулација. Медиумските професионалци се тие што треба да ги постават стандардите за самите себе си. Така најдобро и најенергично ќе ги бранат, бидејќи токму тие сте најзасегнати.
Одговорите на овие прашања ќе дојдат токму од Вас, и од вашата креативност и ентузијазам да одговорите на предизвиците како најдобро да се заштитат слободата на изразување и право на информирање, и слободните и професионални медиуми.
Слободата на говор е загарантирано човеково право, но злоупотребата на тоа право, во форма на дезинформирање, наведување или пропагирање, што во случајот на Западен Балкан многу лесно се рефлектира врз целокупната безбедност и стабилност, не е ни одблиску слобода на говор.
Видовме и тука, во Република Македонија, но и во земјите на регионот, па и во некои земји во Европа, колку штетна може да биде пропагандата, дека тие лажни зборови честопати поттикнуваат вистинско и брутално насилство и агресивно однесување.
Затоа, како Влада, повеќе пати повикавме на конструктивна атмосфера и отворена дебата со граѓаните, без страв, заплашување и притисоци да градат сопствени ставови за секое отворено прашање.
Активната транспарентност е најлош непријател на лажните вести и дезинформациите. Затоа ми е особено драго што на ова издание на „Деновите на медиумите“, посебно место има темата медумска писменост.
Идеално би било граѓаните да развијат практика на следење на вести од различни извори и да бидат критични кон информациите кои ги консумираат. Но, не може да очекуваме секој граѓанин, што се информира од медиуми достапни на својот мобилен уред, да ја проверува информацијата пред да ја прифати како таква. Тоа е работа на регулаторните тела, и не помалку на медиумите, чијшто простор е директно узурпиран од таквата не само нелојална, туку и не етичка конкуренција.
Тоа е работа и одговорност и на јавните радиодифузни компании кои мора да бидат тврдина на објективното и незаисно новинарство. Извор на информаци на кои граѓаните секогаш ќе се повикуваат како на најрелевантни и од доверба.
Сакам да ве уверам дека вашите грижи, се и наши грижи.
Решенијата што ќе дојдат од вас, ќе бидат и наши решенија.
Клучот е во новинарската фела, не само на национално ниво, туку и на регионално. Да се саморегулира и се држи до етичките и морални стандарди. Владите и сите политички субјекти мораат да ги поддржат овие стандарди.
Оваа конференција на медиумите во регионот е убвана прилика за поголема и поинтензивна соработка
Таа соработка треба да оди во насока пред сè на запознавање на состојбите во соседните држави, затоа што обединувањето во борбата против лажните вести е една од најдобрите одбрани од нив.