Загадувањето на воздухот ни стана секојдневие, а третина од мерните станици не мерат ПМ 10 и ПМ 2,5

Загадувањето на воздухот ни стана секојдневие, а третина од мерните станици не мерат ПМ 10 и ПМ 2,5

Седум мерни станици на Државниот автоматски мониторниг од вкупно 22, не даваат информации колкви се концентрациите на ПМ 10 или ПМ 2,5 во воздухот. Иако сезоната на загадување е веќе започната, а Скопје речиси секојдневно е меѓу првите десет градови во светот со најлош воздух, граѓаните не добиваат целосна слика за вредностите на овие загадувачи. И денеска, со вредност од 168 на индексот за квалитет на воздухот според IQ Air, Скопје е на третото место според загадениот воздух. Главен загадувач се ПМ 2,5 честичките со концентрации од 79 микрограми на кубен метар, што е 15 пати повисоко од препораките на СЗО за годишни просечни вредности, и на ПМ 10 од 111 микрограми, што е повеќе од двапати над просечно доволените вредности.

Мерните станици на Државниот автоматски мониторинг и годинава не работат во полн капацитет. Жителите на Велес немаат никакви информации за состојбата со воздухот бидејќи оваа мерна станица не покажува ниту еден резултат. Кај Ректорат во Скопје не се мери ПМ 2,5, во Битола нема податоци за ПМ 10, додека Гевгелија, Берово, Кочани и Прилеп не се мери ниту едното ниту другото. Инструментите во станиците во Миладиновци, Ѓорче Петров, Струмица, Прилеп, Кочани и Гостивар, пак, не покажуваат вредности на јаглероден моноксид или на азотни оксиди.

Од Министерството за животна средина велат дека повеќето од инструментите се исправни, но заради други технички проблеми не се испорачуваат мерења на загадувањето. Кај Ректорат во Скопје расипан е клима уредот, па заради тоа работи само инструментот за мерење на РМ10, додека во Велес сите мерни инструменти во станицата се функција, но не може да се воспостави комуникација со базата за собирање на податоците. Во Прилеп, пак, мерната станица има проблеми со електричното напојување.

„На мерното место Ректорат, иако инструментите во станицата се функционални, од безбедносни причини заради зголемената температура поради проблеми со клима уредот, тие не се вклучени во системот. Во моментов се превземаат активности за набавка и инсталирање на нов клима уред по што сите инструменти ќе бидат вклучени. Во Велес сите мерни инструменти во станицата се функција, но поради проблем со уредот за превземање на податоците нема можност да се воспостави комуникација со базата и заради тоа податоците за измерените концентрации не се прикажуваат на порталот за квалитет на воздух. Сервис инженерите работат на отстранување и на овој проблем. Во мерната станица Прилеп моментално има проблеми со електричното напојување, поради што често ги снемува измерените податоци, заради што во моментов се работи на детекција на проблемот “, велат од Министерството.

Посочуваат дека во текот на годинава, за потребите на одржување на инструментите на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздух, била спроведена постапка за набавка на резервни делови во висина од 3,5 милиони денари со кои се сервисираат нефункционалните инструменти.

„Инструментите од Гевгелија, Прилеп и Берово, што мерат ПМ 10 и ПМ 2,5 и инструментот за ПМ 10 во Кочани и Битола се на сервис, се врши дијагностика, која што со оглед на комплексноста на инструментите и на дефектите бара подолго време. По завршување на процесот на сервисирање неопходно е да се спроведе и процес на калибрација, посочуваат од Министерството.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Дамева

Тубуленции во Судскиот совет: Дамева поднесе оставка

На прес-конференција во Скопје, Весна Дамева посочи дека нема слух за подобрување на состојбите во …