Европските земји влегуваат во длабока демографска криза. Наодите на Еуростат укажуваат на континуиран пад на бројот на новородени бебиња, додека сè повеќе жени се одлучуваат да го одложат мајчинството по триесеттата година. Овие трендови не се само моментален феномен, туку дел од долгорочни демографски промени што сериозно ја засегаат иднината на континентот. Од ваквите процеси не е исклучена ниту Македонија.
Во Европската унија во 2024 година се родени 3,55 милиони бебиња, што претставува намалување од 3,3% во однос на 2023 година. Вкупната стапка на фертилитет во ЕУ изнесува 1,34 живородени деца по жена – пад во споредба со 1,38 во претходната година.
Во Македонија, фертилитетот бележи постојан пад последната деценија. Стапката се движи од 1,52 во 2004 и 2014 година, на 1,49 во 2023 и рекордно ниски 1,44 живородени деца по жена во 2024 година.
Овие вредности се значително под прагот од 2,1 деца по жена, кој е потребен за природна обнова на населението. И Европа и Македонија веќе навлегуваат во сериозна демографска криза.

Македонија со најнизок број родени досега
Статистиката покажува дека Македонија го следи европскиот негативен тренд. Ако во 1960 година се родиле 44.095 бебиња, бројката на новороденчиња во 2000 година опаднала на 29.308.
Тоа го потврдуваат и податоците на Државниот завод за статистика кои посочуваат дека бројот на родени деца континуирано опаѓа: од 19.031 во 2020 година, на 18.073 во 2022 година, па се до најниската бројка од 16.061 живородено бебе во 2024 година.
Фертилитетот во ЕУ: најниско ниво од 2001 година
Податоците од Еуростат покажуваат дека во 2024 година најниска стапка на фертилитет има Малта со 1,01, а највисока Бугарија со 1,72 живородени деца по жена. Зад Бугарија следуваат Франција (1,61) и Словенија (1,52). На дното, покрај Малта, се Шпанија (1,10) и Литванија (1,11).
Помеѓу 2023 и 2024 година, фертилитетот се намалил во 24 земји од ЕУ, останал стабилен само во Луксембург и Холандија, а се зголемил единствено во Словенија.
Просечната возраст на жените при раѓање на првото дете во ЕУ изнесува 29,9 години, со значајни разлики меѓу земјите: од 26,9 години во Бугарија до 31,9 години во Италија. Во Македонија, жените го раѓаат првото дете во просек на 27,8 години.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место