Законот за ЈО не е услов, но е важен сигнал за ЕУ

Националниот координатор за европски прашања во Владата, Бојан Маричиќ за РСЕ вели дека одлуката за отпочнување на преговори со ЕУ не зависи од законот за ЈО, но неговото донесување би била одлична вест и сигнал дека државата може да носи тешки одлуки.

Законот за јавно обвинителство никогаш не бил поставен како услов за почеток на преговорите со ЕУ, а секој чекор што го правиме во насока на зајакнување на правната држава и владеење на правото ни помага. Во таа смисла неколку пати беше споменат од неколку пријателски држави, земји членки на Унијата во контекст на продолжување на борбата против корупцијата и организираниот криминал и продолжување на случаите на СЈО, вели во интервју за Радио Слободна Европа, Бојан Маричиќ, националниот координатор за европски прашања во Владата, на прашањето колку е значаен законот за европската интеграција.

„Не верувам дека зависи одлуката (за отпочнување на преговори со ЕУ) од овој закон, но ќе биде одлична вест и одличен сигнал дека Република Северна Македонија може и во ваков предизборен период да носи тешки одлуки доколку се работи за иднината на државата во ЕУ“, вели Маричиќ.

Новата методологија за проширување на ЕУ, предвидува шест кластери. Првиот основни вредности со фокус на владеење на правото е најважен бидејќи со него почнуваат и завршуваат преговорите за членство во Унијата. Претставниците на меѓународната заедница во изминатиот период неколку пати порачаа дека усвојувањето на законот пред предвремените парламентарни избори ќе испрати позитивен сигнал до ЕУ.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар изјави дека нема да биде добра порака за некои земји членки на ЕУ, ако законот не биде усвоен пред донесувањето на одлуката за отпочнување на преговори.

„Навистина ЕК не го стави законот за јавно обвинителство како услов, но е нешто што треба да се направи од неколку причини. Примарно се разбира поради граѓаните да веруваат во правда и дека нема неказнивост, туку одговорност за сиот криминал, бидејќи е важно за неколку земји членки да се покаже посветеност на владеење на правото“, рече Жбогар.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји при посетата на Скопје минатиот месец ја актуелизираше потребата од носење на законот. Тој истакна дека Владата треба да продолжи со спроведување на реформите, а приоритет да биде законот за јавно обвинителство.

„Се надеваме дека ова ќе се направи во рамките на овој парламентарен состав и тоа ќе биде многу важен знак за земјите членки“, истакна тој.

И американската амбасадорка во земјава, Кејт Брнс порача дека САД инсистираат предметите од СЈО да продолжат да се работат во ОЈО и да се донесе законот за Јавно обвинителство.

Како што е познато, ЕУ не им додели датум за преговори на Северна Македонија и Албанија на самитот на Унијата во октомври 2019 поради барањето на Франција да биде преиспитан процесот на проширување и да биде воведена нова методологија.

Документот за новата методологија пред земјите членки треба да биде презентиран во втората половина од февруари. ЕУ се очекува на прашањето за отпочнување на преговори да се наврати во март на средбата на Европскиот совет закажана за 26 и 27 март.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …