Законот за отпад во септември пред пратениците: Палењето ќе се казнува со 200 евра, фрлањето ѓубре 150 евра

Законот за отпад во септември пред пратениците: Палењето ќе се казнува со 200 евра, фрлањето ѓубре 150 евра

Граѓаните кои ќе фрлаат ѓубре насекаде или ќе палат отпад и во иднина ќе поминуваат евтино. Физичките лица во иднина ќе се казнуваат со глоби од 200 евра ако спалуваат или закопуваат отпадни гуми, масла и друг вид отпад во природата или на патиштата. Со казни од 150 евра пак ќе поминат оние граѓани кои фрлаат ѓубре кајшто ќе им текне, додека глоба од 50 евра е предвидена за поединците кои не вршат селекција на отпадот или не го одлагаат отпадот во посебните контејнери наменети за ова.

Овие ставки се само мал дел од казнените одредби во предложениот Закон за управување со отпад, којшто веќе неколку месеци се наоѓа во собраниска процедура. Група од 31 здружение на граѓани и високообразовни установи на почетокот од јули побараа одржување на јавна расправа пред конечното усвојување на овој закон од страна на пратениците. Наместо ова, пратениците кон крајот на јули на Комисијата за европски прашања во второ читање го усвоија овој закон, по што пратениците по враќањето од годишен одмор треба да гласаат за неговото усвојување. Собранието на РСМ засега ја нема закажано седницата, на која што ќе се гласа Законот за управување со отпад.

Сепак, во второто читање на овој закон, пратениците прифатија и во новото законско решение да остане забраната за увоз на отпад што се користи како алтернативно гориво, по поднесени амандмани на дел од пратениците, а по апелот до нив што минатиот месец го упатија 31 здружение на граѓани и високообразовни установи.

Заедно со ова, за невладините организации беше спорен и Законот за управување со пакување и отпад од пакување, кој на истата комисиска седница помина во второ читање и ќе се најде на финално гласање пред пратениците.

Според ова законско решение, пластичните ќеси кои граѓаните ги купуваат по продавници од 1 декември 2021 година ќе чинат 15 денари по парче, со што треба да се дестимулира купувањето на ваквите производи што ја загадуваат животната средина.

„Трговецот од ставот (4) на овој член е должен да води евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси на продажното место која ја доставува до  стручниот орган и вкупната сума добиена од надоместокот од продадените кеси на квартална основа ја пренесува на посебна сметка отворена за таа намена на органот за животна средина“, се наведува во законот.

Исто така, со новиот предложен закон се предвидува забрана за користење на пластичното пакување за еднократна употреба во угостителските објекти што се наоѓаат во заштитените подрачја во земјава, и тоа од 1 декември 2021 година.

Од 1 јануари 2022 година производителите кои на пазарот пуштаат во промет спакувани стоки од кои се создава отпад во пакување ќе мора да платат надоместок во висина од 7.400 денари за тон хартија и дрво или 9.200 денари за тон создадена пластика, метал, композит и стакло, се наведува во законското решение за кое ќе треба да гласаат пратениците штом се вратат од годишен одмор на почетокот на септември.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

пошта

Синдикатот на Пошта бара нова систематизација, најавува протести и штрајк

Поштата е на работ на егзистенција, изјави денеска на прес-конференција пред Владата синдикалниот лидер Боро …