Во присуство на поголем број спортисти, спортски работници и стопанственици, денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска и раководителот на секторот за услуги на даночни обврзници и даноци во Генералната дирекција на УЈП, Мухедин Авдиќ, одржаа презентација на Законот за спорт.
Градоначалникот Јованоски рече дека презентацијата има за цел на спортистите и спортските клубови да им го објасни Законот за спорт, но и постапката како полесно до дојдат до потребните средства за финансирање на нивните активности.
„Суштината на Законот е по пат на ваучери, еден дел од ДДВ-то кое компаниите треба да го платат, да им го уплатат на спортските клубови. Со тоа компаниите ништо нема да загубат, туку ќе покажат желба да им помогнат на спортските клубови и на спортистите поединечно. Што се однесува до финансирањето на спортот со општински средства, станува збор за огромни средства кои Општината треба да ги издвои за да ги задоволи потребите на клубовите и спортистите. Оваа година финансирањето го направивме во рамките на нашите можности, а за следната година тој финансиски дел двојно ќе го зголемиме“, изјави Јованоски.
Сања Лукаревска, директорка на УЈП, вели дека оваа институција е во интензивна комуникација со даночните обврзници и дека тенденцијата на УЈП е да гради партнерски однос со нив. Како позитивен пример ги истакна прилепскиот Тутунски Комбинат и ЈКП „Комуналец“, кои последниот период навремено ги подмируваат своите даночни обврски.
„Со ЈКП ‘Комуналец’ развивме соодветна динамика на подмирување на долговите кои ги има по повеќе основи и очекуваме таа тенденција на позитива да продолжи. Сепак, прва и единствена заложба на УЈП е да работи во интерес на граѓаните и да изгради партнерски однос со даночните обврзници. Пред сѐ превентива, а помалку репресија. Фирмите треба да го помагаат спортот, бидејќи спортот е нашиот главен амбасадор и во европски, и во светски рамки. Спортистите треба да ги негуваме и да им помагаме, затоа бизнис заедницата треба да биде во тесна корелација со спортот и спортските работници и тоа да се развива и понатаму“, истакна Лукаревска.
Раководителот на секторот за услуги на даночни обврзници и даноци во Генералната дирекција на УЈП, Мухедин Авдиќ, наведе конкретен пример како тоа ќе функционира во пракса.
„Доколку одреден даночен обврзник има финансиски резултат во билансот на успех 5.000.000 денари, а донираните средства во спортот, да речеме во ракометен клуб, изнесува 100.000 денари, даночна основица ќе претставува 5.100.000 денари. Ако пресметаме дека даночната основица ќе се помножи со 10 отсто, тоа значи дека 510.000 денари претставува пресметан данок на добивка. Ако овој данок го помножиме со 40 отсто, односно со максимално дозволениот процент на даночно поттикнување кај ракометните клубови, ќе произлезе дека максималното искористување изнесува 204.000 денари. Бидејќи во конкретниот случај даночниот обврзник донирал средства во висина од 100.000 денари, тоа значи дека во овој случај ќе бидат искористени 100 отсто од донираните средства, како намалување на пресметаниот данок на добивка“, потенцираше Авдиќ.
Покрај спортистите и стопанствениците, на средбата присуствуваа и пратеничката Кети Смилеска и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски.