Од утрината во хрватските медиуми има само една тема: Што всушност се случи претходната вечер нешто по 23 часот? Премиерот Андреј Пленковиќ потврди дека се урнало беспилотно летало од руско производство.
Во загребската населба Јарун и во соседните населби се слушна силна експлозија. Жителите ги напуштија своите домови, многумина ја поминаа ноќта на отворено. Тие не се осмелија да се вратат во своите куќи, бидејќи и неколку часа по експлозијаа, никој не можеше да каже што всушност се случило. Во меѓувреме е јасно дека во парк во Јарун се урнало воено беспилотно летало. Ова го потврди и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на маргините на самитот на ЕУ во Версај.
„Според она што сега го имаме како информација, станува збор за летало од руско производство, не се знае дали е во сопственост на руската или на украинската војска. Се знае дека е дојдено во Хрватска од насока на Унгарија, а во Унгарија од Романија. Знаеме дека летало неколку минути над Хрватска и се урнало во Загреб“, рече Пленковиќ.
Воени беспилотни летала засилено се користат во војната во Украина: На фотографијата е турскиот вооружен дрон Бајрактар ТБ 2
Пленковиќ утрината разговарал за инцидентот со претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ, со унгарскиот премиер Виктор Орбан, како и со сите надлежни членови во владата, градоначалникот на Загре Томислав Томашевиќ и со амбасадорот на Хрватска во НАТО, Марио Нобило.
„Добро е што нема повредени и што леталото паднало во дел каде што нема куќи ни згради. Надлежните служби вршат истрага. Ја контактиравме и украинската страна да видиме дали тие имаат информации за тоа како леталото пристигнало дури до Загреб. Во секој случај, сите ќе вложат максимални напори да се утврдат причините за пристигнувањето и за падот на ова летало во Загреб“, изјави хрватскиот премиер.
Истовремено, одделни хрватски медиуми пишуваат дека веројатно станува збор за пад на украински извидувачки дрон „Ту-141 Стриж“, а стручњакот за воена авијација Тајлер Рогавеј вели дека станува збор за извидувачки дрон кој изгледа како ракета.
„Прилично фасцинантно парче од советската ера. Но, Украинците го унапредиле за време на руското освојување на Крим во 2014 година. Реално, ова летало е повеќе крстаречка ракета отколку традиционално беспилотно летало“, напиша тој за „Драјв“.
Извор: DW