Замисли иднина заедно!

Замисли иднина заедно!

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Сега веќе кога одлучувачите (читај: политичарите) ги направија “најтешките” чекори, кои беа и најголемата меѓународна пречка за приближување на земјата кон НАТО и ЕУ, останува да се скенираме однатре и да почнеме со реални реформи за кои предолго време велиме дека се неопходни. Ако направиме анализа на досегашната реторика на одлучувачите, ќе видиме дека “реформи“, “ЕУ“, “НАТО“ и “во интерес на граѓаните“, се најзастапените зборови кои ги употребувале, а резултатот од тоа е разочарувачки.

Пред некој месец бев на меѓународна конференција во Белград, каде една професорка од Романија многу јасно и силно истакна: „ЕУ е она што вие како земја ќе направите од вас да биде. Сè што треба да се преземе, за тоа кои се следните приоритетни реформи, многумина веќе го кажале. Но она што за мене денес е важно, е: како ќе започнеме со промената на критериумите за избор на одлучувачите?

Ако сакаме да сме реални, денес треба да размислиме за улогата на пратениците, за кои во последниве години гледаме дека не се одлучувачи, туку послушници. Законодавниот дом треба да е центар на дебата во политичкиот систем. Како содржина, Собранието го има капацитетот на пратениците кои или го претвораат во ринг на идеи, дијалог и аргументирани дебати, или се партиски послушници без идеи, популистички настроени и без осет за индивидуална општествена одговорност.

Претставничката демократија подразбира, ние граѓаните, да избираме свои претставници во законодавниот дом, кои ќе ги претставуваат нашите интереси и ќе креираат јавни политики, закони, кои ќе значат решение на граѓанските потреби.  И, нешто што е поврзано со политичка социјализација, пратениците треба да дебатираат, да имаат спротивставени аргументи за подобри решенија, да предлагаат закони, да имаат индивидуален став. Со еден збор, да знаат што точно им е основна задача на нивното претставување.

Преку анализа на „Мојот пратеник” (Извештај за работата на пратениците изработен од МОСТ 2008-2018), во периодот од септември 2007 до јануари 2008 година, 80.4% од испитаните граѓани рекле дека никогаш не се сретнале со пратеникот кој нив ги претставува, а во периодот од  јуни до декември 2008, 76.3% од испитаниците одговориле дека немале средба со пратеникот од нивната изборна единица. Во останатите извештаи за кои правев анализа во последниве 10 години, нема податок за тоа колку пратениците од другите состави биле во контакт со граѓаните кои ги избрале да одлучуваат во нивно име.

За квалитетна дебата, за тоа дека повеќе од 90% од законските предлози потекнуваат од извршната власт, веќе знаеме. За непостоењето на самоиницијативност кај пратениците и за потребата од нејзино поттикнување, е прерано да зборуваме. Она што сега сакам да го потенцирам, е дека преку инструментот “пратенички прашања“, законодавната власт истовремено е и коректор на извршната власт. Овој инструмент е со цел Собранието да ја потсети, поттикне и коригира извршната власт за прашања кои се општествено важни, односно како што би рекле тие, се “во интерес на граѓаните“.

Во последниве 10 години, различен е процентот на пратеници кои поставиле пратенички прашања, но, генерално, повеќе од 50% од пратениците биле пасивни по однос на користењето на овој инструмент. Според цитираниот извештај, во периодот јануари–јуни 2012, во Изборна единица 5, прашања поставиле 55% од пратениците. Од јуни до декември 2015, во Изборните единици 3 и 5, 65 односно 60 % од пратениците поставиле прашања до извршната власт, додека пак во периодот јануари-јуни 2018, прашања до Владата поставиле 60% од пратениците од Изборната единица 3.

Не можам да замислам убава иднина со ваков тип на пратеници, или кандидати за пратеници, за кои граѓаните треба да знаат дека индиректно ги избираат. Тоа значи дека прво ги избира политичката партија, а потоа од предложената листа граѓаните решаваат кој ќе биде нивниот претставник. Промената на профилот на политичари во законодавниот дом, директно ќе се одрази врз освежување на политичкиот простор и освестување на лидерите дека не мора сè да се решава во Клубот на пратеници. Каде, по правило, се одржуваат лидерските средби на кои се носат одлуки од важност за државата, и од каде партиските лидери ни го демонстрираат својот “демократски капацитет“.

Факт е дека ни треба враќање на достоинството скоро кај сите професии и функции. Јас би започнала од пратеничката. Знам дека е рано за парламентарни избори, барем како што во моментов стојат работите, но токму тука и токму сега сакам да ги замислам промените. Да не размислуваме на таа тема само тогаш кога ни се потребни повеќе гласови, туку да градиме кадри кои навистина можат да придонесат за отворање на вратите кон европските вредности, а не како што некои досега знаеја тие врати да ги отвораат.

Бидејќи, ЕУ е она што ние како земја ќе направиме од нас да биде!

Прочитајте повеќе

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Зошто партиите непотребно прават предизборни програми, принудени да лажат, кога имаат готова програма? Треба само …