Запленети 43 килограми златен накит вреден 2,3 милиони евра

Запленети 43 килограми златен накит вреден 2,3 милиони евра

Накитот го пренесувало лице со српски пасош, кој пристигнал со редовниот вечерен лет од Истанбул. Тој, по претходно добиено сознанија, бил упатен на детален претрес, кога откриен разновиден златен накит пакуван во најлонски ќеси, меѓу кои и накит од бело злато со дијаманти со приложени сертификати.

Вчера во вечерните часови на Меѓународниот аеродром Скопје, царинските службеници заплениле над 43 килограми златен накит. Според директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, станува збор за рекордна заплена на златен накит, која се проценува на вредност од околу 2,3 милиони евра.

Како што објасни Кутиров, накитот го пренесувало лице со српски пасош, кој пристигнал со редовниот вечерен лет од Истанбул. Тој, по претходно добиени сознанија, бил упатен на детален претрес и преглед на багажот.

Во неговиот куфер и во рачниот багаж бил откриен разновиден златен накит пакуван во најлонски ќеси, меѓу кои и накит од бело злато со дијаманти со приложени сертификати. Лицето претходно се упатило на зелениот канал и не ја пријавило стоката.

„Лицето и накитот се привремено задржани и во моментот се спроведува истрага. Во истрагата се вклучени Секторот за контрола и истраги и Секторот за професионална одговорност на Царинската управа. За случајот веднаш e известен дежурниот јавен обвинител заради спроведување на понатамошни истражни дејства“, рече Кутиров.

Таа рече дека управата во 2022 година бележи двојно зголемување на бројот на случаи на спречување на недозволена трговија во сите категории во однос на 2021 година.

Минатата година се евидентирани вкупно 114 случаи на заплени, и тоа над 8 тони дроги и психотропни супстанци, како и заплени на девизи, злато и акцизна стока во вредност од над 2 милиони евра. Во 5 случаи биле запленети 33,8 килограми злато, со проценета вредност од околу 1,5 милион евра. Златото е предадено на Агенцијата за одземен имот, која понатаму го депонира во Народната Банка, до правосилно завршување на судската постапка.

Од почетокот на 2023 година како што информираше Кутиров, Царинската управа бележи 18 случаи на спречување на недозволена трговија во повеќе категории – околу 50 килограми запленети дроги и психотропни супстанци, девет случаи на заплена на акцизна стока (тутун и преработки од тутун, електронски цигари и тутун за наргиле), три случаи на заплени на девизи со вкупен износ од над 90 илјади евра, како и два случаја на заплена на злато.

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …