Вечерва започна чествувањето на 19 годишнината од трагичниот настан кај месноста Карпалак, каде на 8 август 2001 година животот го загубија десеттемина прилепчани, припадници на резревниот армиски состав: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.
Со положување цвеќе пред спомен плочите во касарната „Мирче Ацев“ и во с. Лениште, на загинатите бранители почит им оддадоа градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, како и делегации од општинскиот Совет, претставници од Армијата, Владата и Собранието на РСМ, најблиските од семејствата на загинатите бранители, здруженија на бранители и политички партии.
Во своето поздравно обраќање, командантот на касарната „Мирче Ацев“, потполковник Ѓорги Василевски посочи дека во македонската историја има горди синови кои без двоумење се отповикале на повикот за нејзина одбрана.
„Богатството на тие луѓе, е во нивниот дух и верба за слобода, но и во стремежот да се создаде подобро и попросперитетно утре за нашите деца и сите идни генерации. И илинденците и асномците и бранителите се длабоко врежани во духот на нашето опстојување и битие, па затоа си го обезбедија своето место горе во висините. И по 19 години, не бледнеат сеќавањата на вас. Од Карпалак се преселивте во вечноста и никој нека не помислува дека овие луѓе застанаа таму каде што загинаа, се впишаа во бесмртните. Ќе сведочат и убедуваат дека слободата е многу скапа и затоа се брани секој ден, постојано, а ние вашите браќа по оружје ќе продолжиме да го гарантираме мирот и безбедноста на секој македонски граѓанин и во овие услови во борба со пандемијата Ковид-19. И ќе победиме за вас и за нас и за сите идни генерации. Вечна ви слава јунаци. Почивајте во мир“, посочи потполковник Василевски.
Бројни делегации, бранители и претставници на дипломатскиот кор, утре ќе ја посетат локацијата на трагичниот настан кај месноста Карпалак, каде ќе положат цвеќе пред спомен плочата.
Делегација предводена од градоначалникот Илија Јованоски, утре ќе ги посети гробовите на загинатите бранители, чествувањето ќе продолжи со панихида во црквата „Св. Петка“ во населбата Точила, а за во 12.00 часот е предвиден централниот настан пред комплексот „Карпалак“ во центарот на градот.