Започна COP 26, светските лидери пред одлука: Ќе ја спасиме ли планетата од глобалното затоплување?

Започна COP 26, светските лидери пред одлука: Ќе ја спасиме ли планетата од глобалното затоплување?

Уште една шанса, можеби последната, за спас на планетата и човештвото. Станува збор за Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации (COP26), во чии рамки денеска и утре се одржува лидерскиот самит во Глазгов на којшто се собраа над 200 светски лидери. Тие треба да ги потврдат целите да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 Целзиусови степени во светот и да се достигне целта на нула емисии стакленички гасови до средината на векот.

За да ги постигнат овие цели, земјите ќе треба не само да се обврзат, туку и да преземат конкретни акции за забрзано да го исфрлат јагленот како енергенс, да инвестираат во обновливи извори и транспорт што не загадува и да ги заштитат шумите. Од развиените земји се очекува да го исполнат ветувањето дека ќе мобилизираат фондови за помош за сиромашните и земјите во развој кои се соочуваат со огромен предизвик да ги достигнат високите цели, но и се најранливи на последиците од климатските промени. Ова е последната шанса земјите погодени од климатските промени да ги заштитат екосистемите, да се адаптираат и избегнат неповратно губење на цели заедници.

„Поплави, тајфуни, шумски пожари, рекордни температури. Знаеме дека нашата планета се менува на полошо и дека тоа можеме да го надминеме само заедно. Пред шест години во Париз ги договоривме нашите заеднички цели. Рековме дека ќе ги заштитиме луѓето и природата од ефектите на климатските промени и дека ќе обезбедиме финансии за климатските активности. Донесовме одлука дека ќе го ограничиме порастот на глобалната температура на многу под два степени, продолжувајќи ги напорите кон 1,5 степени. Знаеме дека овој COP26, е нашата последна надеж, потребно е од Глазгов сигурно да порачаме дека целта од 1,5 степени и натаму е жива“, изјави Алок Шарма, претседател на COP26, на денешната церемонија на отворањето на Конференцијата.

Започна COP 26, светските лидери пред одлука: Ќе ја спасиме ли планетата од глобалното затоплување?
Претседателот Стево Пендаровски со Премиерот на Канада, Џастин Трудо, фото: официјална Фејсбук страница на Пендаровски

Присуството на Пендаровски во Глазгов го поздрави и амбасадорката на Обединетото Кралство во С. Македонија, Рејчел Галовеј.Во Глазгов, на Светскиот лидерски самит денеска и утре ќе учествува и Претседателот на С. Македонија, Стево Пендаровски. Пред почетокот на работниот дел, тој изјави дека земјата активно придонесува кон целите кои ги има преземено во оваа насока. Пендаровски ќе присуствува на отворањето на самитот и ќе се обрати на пленарната сесија на собирот, а ќе присуствува и на настанот со кој ќе се означи почетокот на глобалната заложба за метан, како иницијатива на претседателот на САД, Џозеф Бајден и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, како и на лидерскиот настан „Акција и солидарност – критичната деценија“, во организација на премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.

„Задоволство е што претседателот Пендаровски присуствува на Светскиот лидерски самит на COP26. Обединетото Кралство и Северна Македонија продолжуваат со заедничките напори и заложбата да се справиме со климатските промени“, напиша Галовеј.

Конференцијата во Глазгов започна веднаш по завршувањето на самитот на Г-20 во Рим, каде земјите заклучија дека мора да се бара значајна и ефективна акција за климатските промени. Најмоќните држави во светот сè уште не докажале дека се целосно посветени на целите од Париз и роковите за нивното постигнување. Меѓу нив се и најголемите потрошувачи и произведувачи на јаглен – Кина, Индија, Русија и Австралија.

Првите два дена на COP26, кој минатата година беше одложен поради пандемијата на Ковид-19, се резервирани за Самитот на светските лидери. Денеска на агендата се неколку панели посветени на заштитата на шумите и менаџирањето со почвите, трансформација кон зелено домување, улогата на медиумите во справувањето со климатските промени, паметни и одржливи градови и други теми. Конференцијата ќе трае до 12 ноември, а на дневен ред ќе се најдат и теми како транспортот, природата, младите, адаптацијата и други.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …