Започна доградбата на канализационата мрежа во населеното место Големо Коњари

Во населеното место Големо Коњари започнаа активностите за изградба на канализациона мрежа, проект финансиран со средства од буџетот на Општина Прилеп, во висина од 9 милиони денари.

Станува збор за доизградба на 2.200 метра примарна канализациона мрежа, откако во претходните години Министерството за транспорт и врски го изгради поголемиот дел во должина од 9.800 метра.

„Останати се околу 2.200 метра примарна канализациона мрежа во Големо Коњари, за кои Општина Прилеп издвои околу 9 милиони денари. После тоа следува поставување на приклучоци за секундарната мрежа од фекалната канализација, кои што треба да бидат на товар на жителите на ова населено место. Меѓутоа, Општина Прилеп тоа нема да го дозволи, туку за проектот ќе издвои сопствени средства и во септември ќе направи јавна набавка за поставување на секундарна канализација до дворните места на 204 куќи од Големо Коњари“, изјави градоначалникот Илија Јованоски, за време на денешната посета на ова населено место.

Градоначалникот Јованоски потсети дека во изминатиот период во Големо Коњари беа поставени повеќе бетонски столбови, со што се реши и проблемот со уличното осветлување, а во истиот период беа асфалтирани и повеќе улици во населеното место.

„Пред два месеца асфалтиравме улици во должина од околу 1.200 метра. Во планот за следната година е да е асфалтираат и преостанатите 1.800 метра, со што на задоволство на жителите на Големо Коњари, ќе биде заокружена односно асфалтирана целокупната патна инфраструктура во ова населено место“, истакна Јованоски.

Градоначалникот Јованоски потенцираше дека е во тек јавна набавка за изградба на секундарна канализациона мрежа и во Мало Коњари, на која наесен ќе бидат приклучени околу 200 домаќинства.

Прочитајте повеќе

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Таа напиша дека „пари од нечесник не сака“ и поради тоа се откажува од паричниот …