„Проектот ‘Прилепско езеро – нови авантури, нови можности’, кој што го најавив уште во мојата изборна кампања, почна да се реализира. Започнати се градежните работи на заедничкиот проект кој Општина Прилеп го работеше со Владата на Република Северна Македонија. Потпроектот е финансиран од страна на Европската Унија и од Владата на Република Северна Македонија, преку Проектот за локална и регионална конкурентност. Проектот го администрира Светска Банка, а истиот се спроведува од Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори“, изјави градоначалникот Илија Јованоски за време на посетата на локацијата на која се имплементира овој проект.

Вкупна вредност на проектот изнесува 50 милиони денари, или близу 850.000 евра, од кои 6 милиони денари се сопствено учество на Општина Прилеп. Од главниот пат до спортско-рекреативниот комплекс ќе се влегува преку пристапна улица долга 35 метри, ќе има паркинг за дваесетина моторни возила, а се градат и две пешачки патеки во должина од 750 метра. Во склоп на комплексот ќе биде изградено кошаркарско игралиште со два коша и со пинг понг маси, како и игралиште за одбојка.

„Обезбедени се 50 милиони денари, од кои 6 милиони денари се учество на Општина Прилеп. Со изградбата на овој комплекс ќе се врати сјајот на Прилепското езеро. Ќе се вратат излетите, дружењата, граѓаните ќе имаат можност за рекреација и ќе уживаат во природата. Овде ќе бидат организирани културни манифестации, забави и слични содржини. Најважен дел е мултимедијалниот простор, на кој ќе има 3 летниковци, 20 клупи, како и платформа каде ќе се одржуваат различни културни манифестации. Просторот ќе биде осветлен, ќе има 28 столбови на мултимедијалниот простор и уште 4 столбови на паркингот. На тој начин, граѓаните на Прилеп и туристите кои ќе го посетат комплексот ќе бидат задоволни од она што овој комплекс ќе го понуди во иднина“, истакна градоначалникот Јованоски.

Проектот има за цел да ја зголеми пристапноста до нови содржини за активен туризам за домашните и странските туристи, за граѓаните на Прилеп, како и да го врати некогашниот сјај на езерото.