Започна првиот „Плетвар Аутдор Фестивал“

Во организација на Спелеолошкиот клуб „Златоврв“ и Извидничкиот одред „Феникс“ од Прилеп, синоќа започна првата спортско-забавна манифестација „Плетвар Аутдор Фестивал“.

На падините на планината Бабуна, за прв пат се одржува тридневен едукативно-забавен настан, кој ветува многу позитивна енергија, дружење и забава во природа. На различни возрасни категории, настанот им нуди возбудлива авантура, запознавање со околината на Прилеп, дружба меѓу љубителите на планината, подобрување на стекнатите вештини во природа, размена на искуства и нови знаења.

„Од многу аспекти, ‘Плетвар Аутдор Фестивал’ ќе биде своевидна атракција, итоа почнувајќи од создавање здрави навики кај младите, здрав начин на живот и промоција на различни спортови: планинарење, велосипедизам, планинско трчање, стрелаштво, стреличарство. Причина повеќе заради која настанот заслужува поширока поддршка, е промоција на спасителната служба ‘Златоврв’, на која и’ е потребна и финансиска и логистичка помош, за да може целосно да се оформи и да се стави во функција на регионално ниво“, изјави на отворањето на настанот, градоначалникот Илија Јованоски.

Јованоски нагласи дека како екипа, спасителната служба „Златоврв“ постои веќе 10 години, а нејзините членови биле учесници во многу акции за спасување, како во нашата држава, така и надвор од неа. Годинава, како што рече градоначалникот Јованоски, направен е голем исчекор напред, бидејќи спасителната служба и официјално е формирана и регистрирана.

„Со желба да имаат што помалку можности да ја покажат својата храброст и умешност во укажувањето на помош на граѓани кои се во неволја, на членовите на спасителната служба им посакувам успешна работа. На крајот, упатувајќи апел за доследна примена на препораките и протоколите за заштита од Ковид-19, на организаторите и на учесниците им посакувам успешен настан и добра забава“, истакна Јованоски.

Претседателот и координатор на „Плетвар Аутдор Фестивал“, Дарко Неданоски, изрази надеж дека Фестивалот ќе стане традиционален и дека секоја година ќе добива на се’ поголема масовност и нови содржини.

Како што најави организаторот, Фестивалот нуди многу различни активности, како што се стрелаштво, стреличарство, качување по карпи и во пештера, качување на врвот Козјак, посета на Дуова пештера, слеклајн.

„Плетвар Аутдор Фестивал“ има планирано игри и трки за најмладите: една планинска трка, две велосипедски, игри на скриено богатство каде што родителите со своите деца ќе ги бараат контролните точки коишто ќе бидат распространети низ с.Плетвар.

 

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …