Започнаа градежните работи на експресниот пат Градско-Прилеп, на делницата од Дреново до Фаришка клисура

„Сакам да ги информирам сите граѓани од Градско, Росоман, Кавадарци, Прилеп, Битола и останатите населени места од Пелагонискиот регион дека експресниот пат од Градско до Прилеп активно се гради. Често слушавме изјави дека сме го заборавиле овој пат. Не е точно. Ги надминавме сите проблеми со изведувачите кои ја напуштија трасата, сега имаме нови изведувачи кои активно работат на терен за да го завршиме овој најголем инфраструктурен проект што е од огромно значење за граѓаните од Пелагонија. Тоа што е најважно, е дека успеавме да ги надминеме сите настанати проблеми и денеска да имаме чиста траса на која во наредниот период ќе има силна градежна активност. Вредноста за изградба на оваа делница е 33,3 милиони евра. Претходно беа реализирани 35 проценти, сега новиот изведувач компанијата ‘Синохидро’ има обврска да го доизгради преостанатиот дел. Крајниот рок е месец јули 2023 година, но моите очекувања се дека тоа може да се случи и пред рокот“, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој заедно со градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, изврши увид во градежните работи на експресниот пат Градско-Прилеп, на делницата Дреново-Фаришка клисура.

Министерот Бочварски и градоначалникот Јованоски извршија увид и во завршните работи за реконструкција на улицата „Мице Козар“, која е дел од втората фаза на проектот на Министерството за транспорт и врски и Светска банка за реконструкција на локалните патишта во сите општини. Во третата фаза од овој проект, како што најави Бочварски, целосно ќе биде реконструирана и улицата „Леце Котески“, во должина од 2 км.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, рече дека експресниот пат Градско-Прилеп е една од поважните меѓународни рути кои што поминуваат низ нашата земја, е Коридорот 10.

„Во моментов се изведуваат припремни работи, односно пристапни патишта, механичарски и армирачки работилници и технички постројки. Ширината на делницата Дреново-Фариш е променлива: 5 км се со асфалтна платформа од 12.4 метра што одговара на експресен пат, а преостанатите повеќе од 5 км се со платформа од 17 метра, што одговара на автопат со намалена ширина. На половина делница долга 10 км, се градат 2 тунела, 21 мост, 5 подвозници, 11 потпорни ѕидови, 1 кружен тек на локалниот пат со клучка кај Дреново и 1 вијадукт, што говори за каков тешко пристапен терен станува збор“, нагласи Рустеми.

Градоначалникот Илија Јованоски им се заблагодари на Министерството за транспорт и врски, на ЈП за државни патишта, но и на изведувачите на работите, како и на граѓаните од поширокиот регион за покажаното трпение и за заедничката увереност дека од средината на 2023 година, ќе патуваат по современ експресен пат.

„Овој експресен пат од Градско до Прилеп е од исклучително значење за Пелагонискиот регион, за жителите на општините Прилеп, Битола, Крушево и останатите рурални општини во регионот. Изградбата на овој пат е значаен заради подобриот економски развој на општините, за патничкиот и товарниот сообраќај за кој превојот Плетвар е голема пречка. Истовремено, со неговата изградба времетраењето на патувањето до Скопје ќе се намали за половина час а она што е најважно, е дека во голема мера ќе се подобри безбедноста при патувањето“, потенцираше Јованоски.

„Важноста на овој патен правец за Прилеп и прилепчани и за целиот Пелагониски регион е од исклучителна важност, затоа што него користат голем број на патници и возила. Она што нас како прилепчани особено не’ радува, е тоа што градежните работите се одвиваат со сериозен интензитет. Се надеваме и веруваме дека повеќе нема да има никакви проблеми и дека експресниот пат ќе биде изграден во проектираниот период, односно до средината на 2023 година, затоа што тоа е значајно како за стопанството од овој регион, така и за безбедноста на граѓаните“, изјави пратеникот Миле Талевски.

На денешниот увид на градежните активности на експресниот пат, беше најавен и почетокот на рехабилитацијата на патниот правец Фаришка клисура – Прилеп, која го опфаќа и превојот Плетвар, во вкупна должина од 19 километри.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: СДСМ ќе ја внесе Северна Македонија во ЕУ и ќе ги зачува вредностите на ЕУ дома

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска заедно со заменик претседателката на СДСМ, …