Училница

Заврши пилот-проектот за сексуално образование, учениците сметаат дека треба да се изучува и во пониските одделенија

Вкупно 85 ученици во деветто одделение од три основно училишта, со потпишана согласност од родители, во текот на едно полугодие следеа настава по Сеопфатно сексуално образование (ССО). Пилот-проектот заврши, а интересот кај учениците за овие теми бил голем. Она за што учеле учениците на часовите, на кои им предавале сертифицирани и обучени наставници, биле теми како: сексуално и репродуктивно здравје, сексуално преносливи инфекции, насилство во врски, адолесцентни врски и односи, а зборувале и за граѓанските аспекти, односно за правните механизми како да препознаат насилство и дискриминација и како да пријават, кому да се обратат.

ССО се реализира согласно Концепцијата 

Концепцијата за основно образование предвиде родово сензитивно образование, а ССО спаѓа во делот со пилотирањето на програмата. Мери Цветковска, проектен менаџер во ХЕРА вели дека ова е само почеток и дека во моментов група експерти подготвува Стратегија за сексуално образование.

„Тоа беше пилот-програма која започна во септември лани и заврши во декември, со крајот на првото полугодие. Беше предвидено да има само едно полугодие. Во тие 36 часа децата поминаа седум компоненти. Тие зборуваа и за родовите разлики и родовата дискриминација, која понекогаш е основа за различност (различност заради боја на кожа, секс ориентација и сл). Во фокусот беше здравјето на адолесцентите, нивното ментално и физичко здравје“, вели Цветсковска.

Од она што било добиено како исказ од учениците кои ја поминале програмата, најбројни биле коментарите на учениците кои оцениле дека им е доцна во деветто одделение да учат за вакви теми и дека тоа би требало да се случува многу порано.

„Интересот за програмата беше голем од страна на учениците. Имавме вклучено повеќе ученици од предвиденото. Од она што го добиваме како нивен став е дека потребно е многу порано да се започне со сексуално образование и дека за некои теми им се потребни уште повеќе информации. Многу од нив прашуваа дали ова ќе продолжи и во нивното средно образование. Нешто што беше кажано во сите фокус групи, а што беше заедничко за сите, е дека прв пат зборуваат за ова во училиште и дека дури и врсниците кои не беа вклучени, барале да бидат вклучени“, додава Цветковска.

Предаваа сертифицирани наставници 

ССО предавале обучени наставници по биологија, психолози од училиштата и наставници кои предаваат граѓанско образование. Тие имале доедукации и биле сертифицирани. Наставниците биле задоволни од темите и од програмата.

„Единствен начин да видиме дали ние добро сме ги подготвиле наставниците и дали програмата е добро пренесена на учениците, е преку истражувања. Затоа правевме тестови, прашалници, а наодите ќе бидат готови кон крајот на април, тогаш ќе видиме колку децата научиле. Ќе има и интервјуа со сите родители, со учениците, наставниците и сите кои беа вклучени во процесот“, велат во ХЕРА.

Се подготвува стратегија, треба да ја усвои Владата

Дали сексуалното образование ќе стане задолжителен дел од од основното образование? На ова прашање, Цветковска со одговор – во моментов се подготвува Стратегија за сексуално образование која треба да помине на Влада, а ја пишуваат  доктори, психолози, правници, наставници и професори.

„Во изработката на таа Стратегија се вклучени организациите УНИЦЕФ и УНФПА. Стратегијата ќе предвиди како ќе се изучува дали како изборен или задолжителе предмет, во која мера ќе се изучува и како ќе изгледа предметот и кој ќе го води, односно ќе го водат обучени и сертифицирани лица“, информира Цветковска.

Повеќе информации за сексуално образование има на оваа веб-страница.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Победник на вечерта: „Опенхајмер“ освои седум Оскари

Филмот „Опенхајмер“ ја оправда фаворитската улога на 96. доделување на најпрестижните филмски награди во светот. …