Почитувани граѓани,
Во недела ќе се соочите со историска одлука. Треба да направите избор. Запаметете, тоа не е избор меѓу две политички партии. Тоа е избор за вашата иднина, за иднината на вашите деца. Тоа е избор за иднината на нашата сакана Македонија.
Овој споменик, Македониум, нè потсетува дека македонскиот народ секогаш го правел вистинскиот избор: Во 1903 година за време на Илинденското востание. Во 1941 година во Народно-ослободителната борба кога застана рамо до рамо до прогресивна Европа против фашизмот.
На 8 септември во 1991 година, со глас на референдумот донесовме одлука за слободна, независна и суверена Република Македонија. Од тогаш наваму, не се остварија сите наши стремежи, нашиот сон за европска Македонија и земја членка на НАТО.
Но денес, остварувањето на тој сон, на тој наш стремеж, е блиску. На 30 септември, секој од нас треба да стави тула во изградбата на подобра македонска иднина – да помогнеме да станеме земја членка на најмоќниот безбедносен сојуз – НАТО, и рамноправна земја во најсилната економска заедница во светот – Европската Унија.
Вие, граѓаните го имате клучот да ја направите нашата држава членка на европското семејство.
Знам, треба да направиме отстапка и да прифатиме географска одредница кон името Македонија, но нашиот идентитет никој повеќе нема и не може да го порекне.
Гордата македонска земја се здоби со целосно признавање на нашиот македонски народ, нашиот јазик, нашето наследство. Нашиот македонски јазик е заштитен. Нашиот македонски идентитет е обезбеден засекогаш.
Химната, знамето остануваат исти и заштитени. Ние сме Македонци и секогаш ќе бидеме Македонци!
Затоа јас ќе гласам. За доброто на нашите деца. За мирна и безбедна земја, во која Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Власите и сите наши етнички заедници живеат добар и просперитетен живот.
Во недела гласајте и вие. Вашиот глас ќе ја одреди насоката по која ќе тргне Македонија. Одлучуваат тие кои ќе гласаат. Ако огромното мнозинство гласови бидат ЗА, ние трајно го трасираме нашиот пат кон НАТО и ЕУ.
Демократијата и правото на глас се наша највисока вредност. Во тоа име, наша граѓанска одговорност е да одиме на гласање.
Во недела, вашиот глас ќе ја одреди вашата иднина и иднината на нашата земја. Сега е време за одлука. Ајде да бидеме единствени како што направивме пред 27 години.
Ајде да ја придвижиме нашата земја кон светла иднина. Заедно за европска Македонија.