Заминувања

Пишува: Зоран Милошески

Полека се гаснат рефлекторите. Еден по еден, мајсторите на музичкиот занает ја напуштаат животната сцена. Последен во низата, Аки Рахимовски. Пред него Балашевиќ, малку порано и Оливер, Арсен, Кемал Монтено…

Заминуваат музичките великани. Се ситни листата на уметници чии песни наизуст ги знаевме, песни со кои растевме, се заљубувавме, се идентификувавме и стареевме.

„Страница дневника“, „Васа Ладачки“, „Опрости ми папе“, „Девојка из мога краја“, „Сарајево, љубави моја“… сеуште се химни на многу генерации родени во некогашната Југославија, но и на илјадници млади луѓе растени во државите настанати после нејзиниот распад.

Музиката не знае за граници. Ги руши сите етнички и јазични бариери кои, во име на “повисоки државни интереси“, ги ѕидаат самонаречените “спасители на нациите“.

Иконите на екс ЈУ музичката сцена останаа доследни на девизата, дека единствено љубовта е таа која може да го спаси светот. Со своите стихови и мелодии ни ги разбудуваа подзаспаните емоции, ни отвораа нови видици, направија од нас подобри луѓе. И за тоа сме им бескрајно благодарни.

Велат дека бројот на години не ја означува должината на животот. Дека животот на една личност се мери според она што го направил во него. Затоа, не постои никаков сомнеж дека Аки, Џоле, Кемо… ќе живеат се’ додека живеат нивните песни, се’ дури „Сташка“, „Неки нови клинци“, „Једне ночи у децембру“… и натаму се причина за нова љубов, нова солза, нова тура.

Големите магови на петолинието и испеаните стихови кои ја параат душата, заминаа во некој поубав свет. На некое подобро место. Едниот од нив би рекол:

„…неко то од горе види све,

повлачи те конце, игра се

постави на своје место,

свако добро, зло још пре

све виде очи судбине…“

Збогум, мајстори…до некое ново видување…

Прочитајте повеќе

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Таа напиша дека „пари од нечесник не сака“ и поради тоа се откажува од паричниот …