Зелена атомска енергија? Не, благодарам!?

Зелена атомска енергија? Не, благодарам!?

ЕУ сака инвестициите во атомска енергија делумно да ги декларира како еколошки. Тоа може да го одолговлечи воведувањето на обновливи енергии, не и да го запре. Не постои ренесанса за атомската енергија, смета Јенс Турау.

Во однос на иднината на атомската енергија, на почетокот од годинава стигнаа две информации кои како да доаѓаат од различни светови: додека во Германија тукушто од мрежа се исклучени три од последните шест постојни атомски централи,  Европската комисија го објави својот план според кој инвестиците во гас и нуклеарни централи под одредени услови треба да важат како поволни за климата.

Во  Германија и натаму без проблеми протекува напуштањето на атомската енергија, за што одлука беше донесена во 2011 година. За разлика од претходните децении, тоа веќе не е тема за жестоки дебати, туку една мала информација.

Иницијатива од Париз

Брисел пак чувствува притисок од Париз, каде работат 58 атомски централи и националното снабдување со енергја е базирано на атомска енергија. Претседателот Макрон умешно го искористи преодниот вакуум на власта во Германија со смената на владата за да протне поинакво декларирање на атомската енергија. А германските шанси за нешто да се смени, не се големи.

Тоа им предизвикува посебни тешкотии на Зелените, кои се дел од владата. Енергетскополитичкиот старт во новата година почнува со реафирмација на атомската енергија, што за Зелените и нивните гласачи е рамно на политичко предавство.

Приврзаниците на атомските централи со години вршеа лобирање за наводно одржлива и неутрална во поглед на штетните гасови работа на атомарките. Точно е тоа дека атомските цнтрали, за разлика од термоелектраните, не испуштаат при работата јаглероден диоксид во воздухот.

Атомско загадување

Но, точно е и дека на пример при ископувањето уран настануваат штетни гасови. И воопшто не е одржливо она што се случи по атомските хаварии во Чернобил во 1986 и во  Фукушима во 2011 година, кога цели области станаа  непогодни за живот  на долг период и беа потребни огромни трошоци за санирање на штетите, што останува задача на сите, а не само на индустријата.

Во дебатата во Брисел околу атомската енергија сосем се заборави на мамутската задача на сите земји кои имаат атомски централи, која претстои, за складирање на радиоактивниот отпад. И во Германија потрагата по трајно решение е нешто што ќе ги преокупира и следните генерации, а за потребните милијарди и да не зборуваме.

Атомската енергија како одржлива форма на производство на енергија: тоа не е така. И евентуална изградба на нови атомарки е толку скапа, што придавката еколошки овде е сосема погрешна.

Пораз за Зелените

Кај темата гас работите стојат поинаку. Германија презеде големи обврски со напуштањето на атомската енергија и на јагленот, од кој новата влада сака да се откаже не до 2038, туку по можност до 2030 година. Ако се сака тоа, земјата уште долго ќе биде зависна од гас како премостувачка технологија, ако не сака да увезува струја, уште притоа и од атомски централи од Франција.

Овде на Зелените им се заканува следниот пораз, доколку канцеларот Шолц успее да се избори за ставање во погон на рускиот гасовод Северен тек 2, а сѐ изгледа така.

Значи, сепак ќе има ренесанса на атомската енергија? Не баш. Во земјите каде работат атомски централи, ќе биде продолжен рокот на постојните, а плановите за градба на нови ќе претрпат неуспех поради високите трошоци.

Но, гладот по енергија во светот е огромен, а по короната сигурно и ќе се зголеми, пред сѐ во Кина, каде се користи од сите извори, па и од јаглен и атомска сила.

Меѓутоа, долгорочно гледано, обновливите енергии се тие на кои треба да се потпираат државите, иако за старите форми на добивање енергија се врши големо лобирање. По одлуката на Брисел треба и да почекаме: колку инвеститори фактички ќе сакаат да инвестираат во надминати извори на енергија.

Најголем дел од фондовите веќе се повлекоа од климатски штетниот јаглен, веројатно зашто немаат голема желба уште неколку години да поддржуваат вчерашна техника поврзана со големи ризици.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Кога Фолксваген ќе кивне, Волфсбург се разболува

Кога Фолксваген ќе кивне, Волфсбург се разболува

Првпат во историјата Фолксваген планира затворање погони во Германија и масовни отпуштања. Во Волфсбург, каде …